Од болницата известија дека кај бебињата имало премрзнатост. Биле родени во болницата на 30 декември, недоносени во 34 гестациска недела, со мала тежина под два килограми. Мајката, на своја одговорност на 10 јануари решила да си ги земе бебињата во својот дом во Славеј.
„На 16 јануари, во 10:45 часот, на одделот за детски болести е донесено женското новороденче во тешка здравствена состојба како резултат на премрзнување. Според достапните информации, машкото новороденче е претходно починато дома од истата причина. По приемот на женското новороденче, веднаш е преземена интензивна медицинска интервенција. Извршена е реанимација, новороденчето е интубирано, поставено во топли ќебиња и применети се дополнителни мерки за затоплување. И покрај сите преземени обиди од страна на медицинскиот персонал, состојбата продолжи да се влошува. Во 13:00 часот, за жал, е констатирана смртта на женското новороденче. Изразуваме длабоко жалење за загубата и остануваме посветени на обезбедување најдобра можна грижа за сите пациенти“, известуваат од Општата болница со проширена надлежност во Прилеп.
Екипа од прилепскиот Центар за социјални работи од Прилеп вчера, а и денеска, направила увид во домот на семејството во Славеј кое има уштри три малолетни деца, од 4,5 од 3 и од 1,5 годишна возраст.
Педагогот Гордана Велјаноска вели дека условите за живот се скромни, хигиената не е на завидно ниво, но семејството не е во социјален ризик. Ќе има советодавни средби со родителите.
„Не станува збор за екстремно лоши, нехумани услови како што во текот на вчерашниот ден се презентираше во јавноста. Стамбените услови се релативно добри, има простории за живеење, единствено недостасува хигиената во домот, која не е на завидно ниво. За време на нашата посета домот беше топол, имаше храна за децата, беа соодветно облечени, ги чуваше нивниот дедо. И денеска беше направен увид во домот. Беа подобрени хигиенските услови. Родителите се подготвени за соработка. Ќе имаме советодавни средби. Ова семејство е корисник на правото на додаток за трето дете и надомест за детски додаток. Таткото работи аргатски работи. Во наредниот период Центарот ќе преземе стручна советодавна работа со родителите, во насока на подигнување на родителските капацитети. По донесување решенија за вршење надзор на родителското право, ќе бидат наведени конкретни задолженија кои треба да ги исполнат родителите и ние ќе го следиме тоа“, изјави Велјаноска.
Од Центарот за социјални работи велат дека мерките ќе зависат од резултатите од обдукцијата за причината за смртта на бебињата.
При посетата во селото Славеј, соседите изразуваат жалење за загубата и трагедијата, потврдувајќи дека семејството живеее сиромашно, а им помагале колку што можеле. Дедото на децата, Пецо Ристески денеска се грижеше за трите внучиња од синот и снаата.
„Ете, се случи. Имаа нешто, бронхит. Јас ги чувам децата. Овде е топло, згрижени се и лажат сите кои велат дека немаат услови за живот“, рече Ристески.
За причините за смртта на бебињата ќе се чекаат резултатите од обдукцијата која ја нареди јавен обвинител од прилепското основно јавно обвинителство.