среда, 26 јуни 2024

Почина Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на самостојна Македонија

На 89 годишна возраст почина првиот претседател на Собранието на независна Македонија, Стојан Андов.

Објавено на

часот

Сподели

Андов е роден во Кавадарци на 30 ноември 1935 година. Основно образование и гимназија завршил во родниот град, а дипломирал на Економскиот факултет во Скопје и магистрирал на Факултетот за политички науки во Белград во 1972 година.

Бил потпретседател на Републичкиот извршен совет во времето кога Македонија беше дел од Социјалистичка федеративна република Југославија (СФРЈ), член на македонската делегација во Соборот на републиките и покраините и член на федералната влада во три мандати, каде се забележува неговата улога на преговарач во контактите на поранешна Југославија со експертите на Европската економска заедница (ЕЕЗ) од 1971-1987 година што е претходница на денешната Европска Унија (ЕУ).

Важеше за експерт за економските прашања, како и политичар ориентиран кон пазарната економија. Бил амбасадор на поранешна СФРЈ во Ирак од 1987 до 1991 година.

Основач е на Либералната партија на Македонија и како нејзин претседател ја водеше партијата до спојувањето со поранешната Демократска партија (ДП) во 1997 година, кога стана претседател на Советот на новоформираната партија.

По обновувањето на Либералната партија на Македонија, беше избран за член на нејзиниот Извршниот комитет. Андов беше избран и за потпретседател на Либералната интернационала.

На првите повеќепартиски избори 1990 година, беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и стана претседател на Собранието во јануари 1991 година. На вторите избори во 1994 година, повторно беше избран за пратеник и за претседател на Собранието, должност што ја извршуваше до март 1996 година.

Беше избран за пратеник и на изборите во 1998 година.

Како пратеник, беше претседател на собраниската Комисија за монетарна и кредитна политика и банкарство.

Во 1999 година беше кандидат за претседател на Република Македонија.

На 30 ноември 2000 година повторно беше избран за претседател на македонското Собрание.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ