„Жан Мари ле Пен, опкружен од своето семејство, е повикан назад кај Бога во вторникот во 12 часот“, објави семејството.
Роден на 20 април 1928 година во Трини сур Мер во Бретанија, Ле Пен е основач на Националниот фронт, партија која се залагаше за построга емиграциска политика, зачувување на традиционалните вредности и евроскептицизам. Неговата политика беше мешавина на популизам, елоквентност и харизма, опседнат со емиграцијата и Евреите, и ја извлече француската крајна десница од маргините, пишува Франс прес.
Тој студирал право во Париз, а по студиите се придружил на Легијата на странци, учествувајќи во воени операции во Индокина и Алжир. Неговото искуство во војската ги обликувало неговите ставови за националната гордост и традиционалните вредности, што подоцна ќе стане основа на неговата политичка идеологија.
Во 1956 беше избран во францускиот парламент како најмлад пратеник во тоа време, што беше почетокот на неговата политичка кариера. Иако го формираше Национален фронт во 1972, ќе му биде потребно повеќе од деценија за партијата да привлече значителна поддршка, што се случило во 1984 кога првпат постигнале успех на европските избори.
Ле пен беше познат по популарниот пристап, користејќи запалива реторика и отворена критика кон естаблишментот за да ги привлече гласачите незадоволни од политичките елити. Неговите ставови често го доведуваа во судир со правосудството и меѓународната заедница, но му донесоа и база на лојални поддржувачи, особено меѓу работничката класа и руралните делови на земјата.
Меѓу поконтроверзните изјави му се оние во кои го минимизираше и негираше холокаустот, поради што повеќе пати е осудуван, како на пример таа од 1996 кога изјави дека нацистичките гасни комори се „само детаљ“ од историјата на Втората светска војна.
Ле Пен ја шокираше француската политичка сцена кога неочекувано влезе во вториот круг на претседателските избори во 2002 година против Жак Ширак, пишува Ројтерс.
Неговата ќерка Марин ле Пен ја презема должноста шефица на партијата во 2011. Од тогаш таа ја ребрендираше партијата во Национален собир, претворајќи ја во една од главните политички сили во Франција.
Освен политичката кариера, Ле Пен има напишано неколку книги, вклучувајќи мемоари во кои ја изнесе сопствената верзија на клучните настани од неговиот живот. Неговото наследство остава длабока трага на француската политичка сцена, влијаејќи на поместувањето на политичкиот дискурс на десно и обликувајќи ги дебатите за националниот идентитет, емигранцијата и суверенитетот.