петок, 27 декември 2024
Жална вест

Почина Оливера Николова авторката на култната детска книга „Зоки Поки“

Почина Оливера Николова, една од најплодните и најзначајни македонски писателки. Таа е родена во 1936 година, во Скопје. Учела во Струга и Велес, а завршила Филозофски факултет во Скопје. Работела како драматург на радио и телевизија. Таа е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.

Објавено на

часот

Сподели

Попознати нејзини дела за деца се:  „Зоки Поки“, „Земја во која не се стигнува“ (Награда на РТВ и Струшки вечери,1966), „Пријателите Бон и Бона“ (Награда на РТВ и Струшки вечери,1975), „Мојот звук“ (Награда ‘Младо поколење’,1978), „Девојките на Марко“, „Љубоболки“, „Шифри на каменот“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“, и други.

За специјални постигнувања во современиот израз на литературата за млади, во 1983 година ја добила Змаевата награда, а во 2024 година од Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, е одликувана со Орден за заслуги во културата.

Нејзини дела за возрасни се: Книгите раскази „Ден за летување и Лева комора“; комедијата „Сребреното јаболко“; книгата со драмски текстови под наслов „Сребреното јаболкo“. Романите: „Тесна врата“ (Награда ‘Стале Попов’,1983), „Домашни задачи“, „Тромбот“, (Награда Стале Попов 1998, којашто ја вратила), „Адамовото ребро“ (Награда ‘Рациново признание’,2000), „Вежби за Ибн Пајко“, „Куклите на Росица“ (награда ‘Роман на годината’ на Утрински весник, за 2004 год.), „Белиот чад“, „Куќичка“ (2012, номинирана за наградата „Балканика“ 2011), „Кадифената покривка – новелети за жени убијки“ (добитник на наградата ‘Стале Попов’ за 2015 г.), „Пешаци по црни полиња“ и „Песот со тажен поглед“ (награда ‘Роман на годината’ за 2019 година).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ