понеделник, 20 јануари 2025

Почина Махи Несими

Утрово во Тетово почина Махи Несими, истакнат новинар, публицист, политички аналитичар, политичар, амбасадор, добитник на државната награда „11 Октомври“.

Објавено на

часот

Сподели

Неговото семејство извести дека во мугрите на 1 јануари почина Махи Несими.

Дипломирал Политички науки на Универзитетот во Загреб, но првата негова љубов беше новинарството. Несими беше долгогодишен новинар, својата кариера ја градеше во весникот Фљака, kaде беше и уредник. По осамостојувањето на Македонија се вклучи и во политичкиот живот. Стана истакнат член на Партијата за демократски просперитет (ПДП), а во еден период беше и претседател на партијата. Но, секогаш остана верен на пишувањето, па зад него, во македонските архиви остануваат бројни новинарски текстови и анализи за политичките случувања и особено за демократскиот развој, во тој контекст и особено за изборите и изборниот процес.

Напиша неколку книги кои претставуваат единствена научна анализа за изборниот процес и патоказ за организирање на изборите и организација на изборни единици. Изборните модели беа негов фах. Предупредуваше дека сегашната изборна организација и модел создаваат нерамноправност на граѓаните. Беше строг политички критичар на дејствувањето на политичките партии без исклучок и аналитичар на политичките движења во регионот од аспект и на местото на Македонија во глобалниот свет.

Ги толкуваше големите одлуки што се носеа во Македонија низ годините, во тој конектс и договорите со Грција и со Бугарија, па во едно од интервјуата што ги даде за МКД.мк ќе рече: „Големите одлуки не може да се носат врз база на желбите на властодршците“. Во друго интервју за МКД.мк ќе предупреди дека за идентитет не се преговара.

Махи Несими беше амбасадор на Македонија во Загреб, Хрватска. Потоа се посвети на својата научна дејност. Беше чест гостин во дебатни политички телевизиски емисии.

Беше исклучителен познавач на културата и уметноста и твореше и на тој план.

За својата долгогодишна дејност на Махи Несими во 2021 година му беше врачена државната награда „11 Октомври“ за животно дело.

Македонија загуби истакната личност. Махи Несими беше голем пријател на МКД.мк.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ