петок, 18 октомври 2024

Победата над Грција остана само пуста желба

Објавено на

часот

Сподели

Голема беше желбата на ватерполистите да ја зачинат репрезентативната еуфорија создадена со ракометното ЕП со најслатка победа против Грција, но јужниот сосед испадна преголем залак за избраниците на селекторот Игор Гочанин.

Убедливата победа над Турција, но и неочекувано тешката победа на Грците над Холандија вчера, само нè залажаа дека ватерполистите може да изненадат. Грција се покажаа како далеку покомпактен тим, кој само добро ги искористи сите грешки и маани на нашата селекција.

Лошо организирани во одбраната на Грците само на тацна им ја подаривме победата, затоа што јужниот сосед имаше четири петтерци што Миралис ги реализираше, а беа плод на катастрофалната игра во дефанзива.

Ниту нападот не беше подобар, за да ја остави Македонија во игра, па се заврши веќе на полувреме, кога јужниот сосед стигна до убедливи 5-1. Залудни беа шесте напади со играч повеќе, кога од нив искористивме едвај еден, па поразот со таква игра беше неизбежен.

Дека ќе имаме проблеми уште на стартот беше јасно со двата промашени напади со играч помалку. Грција набрзина постигна два гола преку Миралис и Доскас, па првата четвртина заврши со два гола предност за јужниот сосед. Втората четвртина беше уште поубедлива, иако донесе гол за нас за 3-1 преку Саша Мишиќ.

Но Миралис од петтерец, Доскас и Путулис ја обезбедија убедливата предност на полувремето. Можеби решавачка беше третата четвртина, кога Грција очигледно беше во мала криза, во која не ги материјализиравме лошите и неорганизирани напади на противникот, како и одбраните на Далибор Перчиниќ. Мирослав Ранџиќ намали на 2-5 во почетокот, а Миралис ја задржа разликата од четири гола во четвртината во која немавме и среќа во неколку ситуации погодувајќи ги дирекот и пречката.

Последната четвртина донесе израмнета игра во првите две минути од периодот кога остана разликата од четири гола, со неколку наши можности за намалување на истата, што не ги искористивме. До крајот, Грција не наполни и стигна до преубедливи 10-3. На крајот Игор Милановиќ, Димитар Димовски и Даниел Бениќ, со задоцнет финиш, спасија бламажа во водите на базенот во Ајндховен.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ