четврток, 16 јануари 2025

Победата на изборите го спаси Трамп од затвор, вели специјалниот обвинител

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе беше осуден за кривичните дела извршени во настојувањата да го поништи својот изборен пораз на претседателските избори во 2020 година ако не победеше на изборите во 2024 година, рече специјалниот обвинител Џек Смит во својот конечен извештај за овој случај.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Смит, кој поднесе оставка на местото обвинител по Трамповата победа на изборите во ноември, утврди дека тие обвинувања би можело да бидат докажани и дека би воделе кон негова осуда.

Смит заклучи дека Трамп учествувал во „невидени злосторнички напори” да ја задржи власта откако ги загуби изборите. Извештајот детално ја опишува Смитовата одлука да покрене обвинение против Трамп во четири точки, во кои се наведува дека планирал да го спречува собирањето и заверувањето на гласовите по поразот од демократскиот претседател Џозеф Бајден во 2020 година.

Смит, кој се соочува со немилосрдни критики од страна на Трамп, ја бранеше својата истрага и обвинителите што работеа на неа.

„Тврдењето на господинот Трамп дека врз моите одлуки како обвинител влијаеше или ги насочуваше Бајденовата администрација или други политички актери, со еден збор, е смешно“, напиша Смит во писмото во кое детално го опиша својот извештај.

Трамп во постот на својата мрежа Трут соушл го нарече Смит „обвинител што не бил во состојба неговиот случај да го суди пред изборите”. Адвокатите на Трамп во писмото до државниот обвинител Мерик Гарланд, кое го објави Министерството за правда, го нарекоа извештајот „политички мотивиран напад” и рекоа дека неговото објавување пред Трамповото враќање во Белата куќа би ѝ штетело на претседателовата транзиција. Повеќето докази наведени во извештајот претходно биле објавени. Меѓутоа, има и некои нови детали, како што е оној дека обвинителите разгледувале да го обвинат Трамп за поттикнување на нападот на американски Капитол, според законот познат како Закон за бунт.

Вториот дел од извештајот ги опишува обвинувањата против Трамп дека незаконски задржал чувствителни документи за националната безбедност откако ја напуштил Белата куќа во 2021 година.

Смит, кој го напушти Министерството за правда минатата недела, се откажа од двата случаи против Трамп откако тој победи на минатогодишните избори, наведувајќи ја како аргумент долгогодишната политика на Министерството за правда да не се гони кривично актуелен претседател.

Трамп сето време инсистираше на тоа дека не може да биде кривично гонет за официјалните работи што ги презел како претседател. Конзервативното мнозинство во Врховниот суд главно застана на негова страна, давајќи им на поранешните претседатели широк имунитет од кривично гонење.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ