Здружението Спас за Маврово на 27 февруари објави соопштение за овие нелогични одлуки на градоначалникот кога се знае дека Уставниот суд неодамна ги укина урбанистичките планови во овој регион. Ги повикуваме надлежните органи да го запрат ова самоволие на општинските органи, апелираа тогаш од Спас за Маврово.
Освен Елезовски, членови на Комисијата за урбанизам за одобрување на проектната програма се и Вера Попоска, Јасер Чајали, и Александар Андоноски.
Интересно е и тоа дека и во оваа група одобренија, најчесто споменуваното биро за урбанистичко планирање е токму „Пологпроект про“ од Гостивар. Токму ова друштво за просторно и урбанистичко планирање беше дел од документацијата на поголемиот дел од сомнителните дозволи за изградба на згради, апартмани, хостели… распослани околу Мавровското Езеро без никакво почитување на тоа дека се работи за Национален парк и на капацитетите на инфраструктурата.
„Во услови кога веќе неколку години по ред алармираме на бетонизацијата на Мавровското Езеро, на изградените згради надвор од сите норми за објекти во Национален парк, кога предупредуваме на проблемите со инфраструктурата (пат, водоводна мрежа, електрична инсталација), Општината без никаква резерва потпишува согласности за изградба на нови и нови објекти. Тоа се прави и покрај тоа што уште лани во мај Уставниот суд ги укина урбанистичките планови донесени од советите на поранешната општина Маврови Анови и на Општината Маврово и Ростуше од 2001 односно од 2015 година“, предупредија од Спас за Маврово.
Во изјава за Дома.мк, Куртовски оваа последна негова акција, во координација се разбира со Елезовски, ја образложува со законската можност ова да се прави за земјиште надвор од опфатот на урбанистичкиот план. Се работи за вешто обиколување на законот, а пак да биде во рамките на законот. Но, без разлика на ова, еден градоначалник лесно можел да каже не на продолжувањето на бетонизацијата околу Мавровското Езеро сѐ додека не се заврши работата со донесување на нов урбанистички план и почитување на стандардите за зачувување на еден Национален парк. Но, во случајов мотивите очигледно се поинакви, всушност како и за време на двата мандата на Куртовски. Еве што изјави тој:
„Се соочуваме со потреба на граѓани коишто сакаат да изградат свои викендички или други објекти во мавровскиот регион и во други населени места и законот тоа им го дозволува, барем од она со службите што разговаравме и разгледуваме, значи граѓаните имаат право на својата парцела да си поднесат урбанистички проект вон опфат на урбанистички план каде што можат да дојдат до одредено одобрение за градба. Тоа е исто како да носите нов урбанистички план ама само за својата парцела и во таа постапка се бара мислење од сите надлежни институции и доколку една од нив не даде позитивно мислење не може да се усвои тоа“, вели Медат Куртовски, градоначалник на Маврово-Ростуше.
Тој потврди дека до Општината се стигнати такви барања по електронски пат и тие не можат да ги спречат граѓаните да аплицираат во системот.
„Честопати се доведуваме во ситуација тие што аплицирале за такви урбанистички проекти да пријавуваат кај инспекторатите -инспекторатите доаѓаат кај нас и ни даваат решение дека мора да постапиме во законскиот рок. И сега ние се наоѓаме помеѓу две страни – едната страна е законот којшто ги укина тие планови, но од друга страна истите тие закони даваат можност преку други урбанистички планови, урбанистички проекти да се дојде до одобрение за градба. Ние побаравме и средба во Уставниот суд на која баравме да ни биде објаснето како да постапуваме со предметите понатаму. И таму стои во деловникот дека сите постапки коишто се почнати со извод од тој урбанистички план којшто повеќе не важи сите се стопираат. Имаше ситуации кога луѓе имаа одобрение за градба и се чекаше правосилноста на тоа одобрение, но настапи периодот на забрана на укинување на планот и тие постапки им ги прекинавме на луѓето. И сега истите тие се жалат до одредени институции како ќе одлучат повисоките институции така ќе постапиме“, објаснува градоначалникот Куртовски.
Случајно или не Куртовски заборави на законската обврската во вакви случаи да формира партиципативно тело, составено од вработени од Општината, од месните заедници и од локални здруженија од кои е должен исто така да добие мислење за новите градби. Тоа во случајов не е сторено.
Уставниот суд ги поништи урбанистичкиот план за Маврово усвоен во февруари 2015 година и урбанистичкиот план Леуново, Никифорово и Анови донесен во јули 2001 година. Судот, меѓу другото, утврди дека со урбанистичките планови кои биле на сила повеќе од десет години, спротивно на законот се дозволувало да се градат објекти на крајбрежјето на Мавровското Езеро, а исто така било дозволено и општината да продава имоти кои се наоѓаат во заштитен појас на акумулација до крајбрежјето, иако немала законско право за тоа.
Со укинувањето на урбанистичките планови, градењето требаше да запре сè додека не се донесат новите планови – кои се исто така заглавени зашто го чекаат репрогласувањето на паркот односно новите граници на зоните во кои ќе биде дозволено градење, но тоа не се случи. Но, поединци најдоа начини како и покрај забраната од Уставен и со блокирани урбанистички планови да добијат дозволи за градби. И тоа не за викенд куќи, туку повторно за згради, апартмани, хостели…
И сето ова без никаков обид од општината за ставање ред, за запирање на хаосот и зачувување на она што е останато од атрибутите за еден Национален парк.
Епизодата со Елезовски само ги потврди сомневањата за коруптивните зделки на општинарите без никаква грижа за природата, за езерото, за екологијата, за зачувување на убавините на еден Национален парк.
Уште една додатна илустрација за работата на Елезовски. Уште пред да почне изградбата на зградите на Фортонинвест, во непосредна близина на скијачкиот центар Маврово, во септември 2020 година имав средба со Елезовски за да го прашам како е можно да се градат толкави згради сред Национален парк Маврово. Тој ме убедуваше дека не се работи за згради, дека потпишал дозволи за изградба на 33 викенд куќи. Тогаш му ги покажав рекламните пораки на компанијата Фортонинвест за можноста за купување станови во изградба на таа локација, но тој беше упорен во својата изјава дека таму ќе се изградат 33 вили, а не 180 стана.
Денеска се таму изградени седум згради од по четири и седум ката и буквално изгледаат како чир среде шумата во Националниот парк Маврово. Како и многу други „чиреви“ околу езерото изградени во мандатите на Куртовски и Елезовски.
А.Д.