петок, 18 октомври 2024

По пожарот во зградата во Чаир, стотина лица може да станат бездомници

Пожарот во подрумите на зградата на улица „Серава“ утрово е изгаснат. Повеќе од 30 часа траеше гаснењетро на пожарот. Подрумите на оваа зграда биле користени како магацин за еден од најголемите снабдувачи на пластични производи за дуќаните на Пластичарска. Високите температури од горењето на пластиката во подрумите веќе ја оштетиле бетонската конструкција на зградата. Нарушена е статиката на зградата, па на станарите засега им е забрането да се вратат во своите станови.

Објавено на

часот

Сподели

На површина од околу илјада квадрати подрумите во зградата во која живеат стотина лица биле претворени во магацински простор надвор од сите предвидени стандарди.

Станарите не знаат кога ќе можат да се вратат во своите домови. Мирисот на изгорена пластика се уште се шири по Скопје.

„Не знаеме колкава е штетата во дуќанот. Битно е што сме здрави и живи, материјалната штета не е толку важна“, рече еден од вработените во дуќан од приземјето од зградата.

Станарите денеска беа собрани пред зградата и бараат одговори дали и кога ќе можат да се вратат во своите станови.

Денеска полицијата приведе и две лица кои се обиделе да крадат по празните станови од зградата.

Според првичните информации, пожарот го гаснеа седум возила и 20 пожарникари. Подрумите, односно магацинот е преполн со вода. Лекарска помош вчера побарале над 40 станари од зградата, како и пожарникар кој вдишал чад, а 15 деца биле примени на Детската клиника. Сите тие се во добра здравствена состојба.

Експертите советуваат дека по пожарот мора да се направи проверка на конструктивните елементи на зградата пред да се вратат станарите.

Деканот на Градежниот факултет во Скопје, професорот Горан Марковски во изјава за МИА вели дека во вакви случаи неопходна е сериозна анализа на конструктивните елементи на зградата.

„Апсолутно мора да се провери статиката бидејќи се работи за сериозен пожар кој траеше многу долго. Мора да се направи сериозна анализа на конструктивните елементи на зградата и да се утврди квалитетот на бетонот и на арматурните делови“, посочува Марковски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ