„Благодарение на вашите молитви воспоставивме единство, а сега браќа и сестри ви носиме уште една радост – Светиот архиерејски собор на Српската православна црква едногласно во пресрет на барањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Соборот на нашата црква ја благословува и одобрува афтокефалноста на МПЦ-ОА“, рече српскиот патријарх Порфириј.
Тој додаде дека Светиот собор на СПЦ му дал должност на Синодот, во соработка со архиепископот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт.
Потоа, додаде патријархот Порфириј, ќе бидат известени сите помесни православни цркви по својот каконски ред и тие да го прифатат афтокефалниот статус на МПЦ-ОА.
„Денес да се радуваме бидејќи денеска се радува целата црвка, се радуваат небото и земјата кога браќата се сакаат, кога го слават името на Господ, да се радуваме што по 55 години служевме света литургија прво во Белград, па во Скопје, два пати за само неколку дена“, нагласи српскиот патријарх.
По објавувањето на радосната вест од страна на патријархот Порфириј, следеше долг и громогласен аплауз од верниците кои се наоѓаат во и околу Соборниот храм „Свети Климент Охридски”.
Г.г. Стефан на заедничка литургија на МПЦ-ОА и СПЦ во Соборниот храм рече дека нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена и на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската патријаршија во Фанар.
„Еве, и во навечерието на ова торжество на љубовта, ни пристигна уште една радост – блага вест од Царицата на градовите – Константиновиот град: примено е нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена – па на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската патријаршија во Фанар“, истакна архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
„Овој историски период кој сите ние го минуваме е празник за сите христијани во Македонија, без разлика на национално потекло, кои се внуци на оние што сонуваа да ја видат обновена својата Охридска архиепископија, да ја видат автокефална или се правнуци на сите оние кои некогаш живееле обединети под едниот омофор на охридскиот архиепископ. Тие наши предци сега од небесната црква се радуваат заедно со нас, гледајќи ги нашата радост и нашето единство“, нагласи г.г. Стефан.
Претседателот Стево Пендаровски упати честитики по повод донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА.
„Упатувам честитки до поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и до сите граѓани од православна вероисповед по повод едногласно донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА. Ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед, која следи по одлуката на Вселенската патријаршија за прием на нашата Црква во канонско единство и во евхаристиско општење“, се наведува во пораката на претседателот Пендаровски.
Одлуката на СПЦ, наведува натаму Пендаровски, ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската архиепископија.
„Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од вселенскиот патријарх г.г.Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество“, наведува во пораката претседателот Пендаровски.
Премиерот Димитар Ковачевски од Рим испрати честитка по повод прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА, од страна на Српската православна црква.
„Голем е денешниот ден, историски кога ги чествуваме светите браќа Кирил и Методиј да ја добиеме и автокефалноста на нашата држава, како рмноправна со другите и како признание за нејзиното наследство и духвната величина на древната Охридска архиепископија и како автентичен дел на македонскиот идентитет“, изјави премиерот.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи честиташе до МПЦ и до сите верници по повод одлуката на СПЦ за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА, истакнувајќи дека долго време се чекало на оваа правична одлука.
2Убава вест за Македонците, за сите православни верници, и за сите граѓани на Северна Македонија Соборот на СПЦ донесе правилна одлука со која ја прифаќа автокефалноста на МПЦ-ОА“, наведува Османи на својата Фејсбук страница.
„Нашата црква мора да е обединета, нашиот Синод, свештеството, исто како што мора да биде обединет и нашиот народ, и тогаш сите искушенија, бури и премрежја ќе бидат премостливи. Да продолжиме да чекориме обединето. Честитки за мудроста, обединетоста и достојноста на Синодот и неговото блаженство г.г. Стефан, за градењето на мостови, за бранењето на нашиот идентитет и вредности во кои веруваме, за премостените децениски и вековни јазови“, објави Мицкоски.
Ова е само почеток на процесот за стекнување на Томос за автокефалност, кој двете сестрински цркви очекуваат да биде доделен од страна на Вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Овој настан дојде како резултат на одлуката на вселенскиот патријарх од 9 мај, за враќање на нашата Црква во канонско единство до останатите православни цркви. Процесот беше започнат уште пред околу пет години, со низа преговори што се одвиваа помеѓу МПЦ – ОА и Вселенската патријаршија.
Познато е дека вселенскиот патријарх Вартоломеј уште во февруари 2022 година испрати писмо до СПЦ со апел да го реши процесот со МПЦ – ОА.
Заедничкото сослужување на двајцата поглавари, доаѓа по надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристичкото општење, откако Вселенската патријаршија донесе одлука МПЦ-ОА да ја признае за канонска црква.
Претходно, на 19 мај, двајцата поглавари служеа заедничка архијерејска литургија на помирување во соборниот храм „Свети Сава” во Белград, на покана на српскиот патријарх Порфириј. По ова, следеше покана од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, за заедничка литургија во храмот „Св. Климент Охридски” во Скопје на Денот на сесловенските просветители светите рамноапостоли Кирил и Методиј.
Заедничката литургија во Скопје следи откако завчера во Белград заврши Соборот на СПЦ, кој на 16 мај го потврди статусот на најширока можна автономија за МПЦ-ОА, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година.
Во соопштение објавено на официјалниот сајт на СПЦ, покрај повеќе одлуки кои се донесени на овој Собор, се споменува и заедничката литургија во соборниот храм „Свети Сава” во Белград, со кој се воспостави евхаристичко општење и канонското единство помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА.
„Во дијалогот за идниот и евентуално конечен канонски статус на МПЦ, СПЦ црква ќе се води само од канонски и црковно-пасторални принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитички”, „геополитички”, „црковнополитички” или за еднострани иницијативи и не потпаѓајќи под на ничие влијание или притисок. Соборот на СПЦ нема намера после решавањето на статусот да ја условува новата сестринска Црква со оганичувачки клаузули во однос на опсегот на нејзината јуриздикција во матичната земја и дијаспората, со препорака на истата прашањето за нејзиното официјално име да се реши во директен братски дијалог со гркофонските и другите православни цркви“, се наведува во соопштението од Соборот на СПЦ.
Спорот меѓу двете сестрински цркви почна на 17 јули 1967 година, кога Третиот црковно-народен собор свикан од Светиот синод на МПЦ на свечена седница во охридската црква „Св. Климент” ја прогласи Македонската православна црква за автокефална. По ова, Светиот архиерејскиот собор на СПЦ ја прогласи МПЦ за расколничка организација и го прекина богослужбеното и канонското единство.
По 55-години раскол, на 9 мај Вселенската патријаршија, ја прекина изолацијата на МПЦ-ОА и ја призна за канонска црква, по што односите меѓу СПЦ и МПЦ-ОА почнаа да се затоплуваат. Со оваа одлука на Вселенската патријаршија му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви. Таа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на црквата, туку е „израз на татковската љубов и грижа на Вселенската патријаршија” и најава дека МПЦ повеќе не е во раскол со целиот православен свет и оти македонските свештеници можат да служат со свештениците од другите православни цркви.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја поздрави литургијата на помирување што ја одржаа СПЦ и МПЦ-ОА во соборниот храм „Свети Сава”. На средба со професори и студенти од Богословијата „Св. Петар Цетињски”, кои се во посета на Вселенската патријаршија, патријархот Вартоломеј рече дека сослужувањето на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски Стефан со право може да се оцени како чин на помирување и соработка, кој се случи, како што наведе, само неколку дена по неговата историска одлука во однос на црквата во Македонија.
Тој ја нагласи и радоста на, како што посочи, Мајката црква во Константинопол по „историската одлука” на нејзиниот Синод за враќање на Охридската архиепископија во евхаристиска заедница, што го отвори патот за помирување со СПЦ и воспоставување на мирот и поредокот на Балканот.