вторник, 22 октомври 2024

По нападот со нож во Германија, расте поддршката на АфД

Нападот со нож, за кој е осомничен сириски азилант, а кој германските власти го истражуваат како можен терористички чин, повторно отвори жестока дебата за миграцијата во Германија пред покраинските избори на кои се очекува подем на десничарската, антиемиграциска Алтернатива за Германија (АфД).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

26-годишен Сириец е уапсен под сомнеж дека убил три лица и тешко повредил неколку други на фестивал во западниот град Золинген во петокот вечерта. Исламска држава во саботата презема одговорност за нападот, иако властите сè уште не успеале да ја потврдат точноста на тоа тврдење.

„Тоа беше терористички акт“, кажа канцеларот Олаф Шолц за време на посетата на Золинген. „Сакам јасно да кажам дека сум лут и бесен поради овој чин, кој мора да биде брзо и строго казнет“. Шолц вети дека ќе ги засили депортациите, ќе ги задржи граничните проверки воведени за време на Европското првенство и ќе ги заостри прописите за ладно оружје.

Меѓутоа, тие ветувања веројатно нема многу да придонесат за смирување на жестоката дебата за миграцијата која изби по нападот. Миграцијата е клучната грижа меѓу гласачите пред покраинските избори во источна Германија во септември. Десничарската АфД, со својата антиемиграциска порака, според локалните анкети е во водство во сите три покраини.

„Имајќи ги предвид секојдневните наслови за насилството од страна на странци, повеќе не е можно да се каже дека ваквите настани се непредвидливи и изненадувачки“, порача на социјалната мрежа Икс Бјерн Хеке, водечкиот кандидат на АфД во покраината Тирингија, каде изборите се одржуваат во недела. „Поради тоа власта е соучесник. Но околностите ќе се сменат дури откако одговорните конечно ќе бидат сменети на изборите“.

На осомничениот за нападот во Золинген барањето за азил му било одбиено минатата година и требало да биде депортиран во Бугарија, земјата која германските власти ја сметале за одговорна за процесирање на барањето. Меѓутоа, депортацијата никогаш не се случила. Поради тоа овој напад се споредува со убиството на полицаецот во градот Манхајм на почетокот на јуни кое го изврши Авганистанец вооружен со нож, чие барање за азил било одбиено, но сепак успеал да остане во Германија.

Германија во последните месеци бележи пораст на нападите со нож, што предизвика национална дебата за засилени мерки на безбедност и зони без ножеви. Според податоците на сојузната полиција, околу 430 такви напади се случиле во првата половина на годината, пишува Политико.

Аналитичарите предупредуваат дека крајната десница во Германија ќе биде најголемиот добитник ако мејнстрим партиите не бидат во состојба да го сопрат таквото насилство.

„По нападот, политичарите изнесуваат остри барања и поттикнуваат огромни очекувања, кои многу брзо се изневерени и крајно дополнително ја поткопуваат довербата во политиката“, вели Питер Нојман, професор на Кингс колеџот во Лондон и еден од најпознатите експерти за тероризам во земјата. „Ако демократската политика сега не покаже способност да дејствува, противниците на демократијата ќе победат“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ