Граѓаните велат дека денеска го купувале само неопходното – леб, млеко зејтин, шеќер… И вработените по маркетите велат дека бројот на купувачи е намален и дека обемот на нивната работа денеска им е намален.
Граѓаните се согласни со тоа дека цените се превисоки.
За разлика од маркетите угостителските објекти се полни, бројни гости ги пополнуваат терасите на кафулињата и рестораните.
Во Хрватска, каде што почна оваа акција на бојкот на маркетите, веќе се најавува бојкот и на бензиските пумпи, угостителските објекти, аптеките… Минатата недела бројките во Хрватска покажаа дека тој ден прометот по маркетите бил намален за 53 проценти. Такви акции се најавуваат и спроведуваат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Бојкотот во Македонија го поддржаа и од Владата и од владините и опозициските партии.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска изјави дека треба да се почитува Законот за нефер трговски практики и да не се злоупотребува моментот дека некоја надлежна институција не излегла на терен. Признава дека во овој период поради лимитираните капацитети не можеле да излезат на терен и дека се работи на нивно доепикирање за што денеска ќе бидат потпишани седум согласности за вработување во Комисијата за заштита на конкуренцијата.
„Точно е тоа дека во овој период одредени институции поради лимитираните капацитети не можеле да излезат и да ги исконтролираат состојбите, но кога станува збор за пари и финансиски трансакции, се останува вечно. Тоа значи дека на пример можеме и по 12 месеци да направиме контрола и доколку утврдиме неправилности, ќе следуваат казни. Затоа апелирам до сите компании во државата да се почитуваат законите бидејќи во некој момент некоја од институциите ќе излезе на терен и ќе направи контрола по што ќе следат драконски казни“, изјави Димитриска-Кочоска.
Во очекување на бојкотот, дел од маркетите објавија намалување на цените на одредени производи, акции за потрошувачите, а некои од нив дека ќе спроведат попис.
Екипата на Урбани уметнички акции – Урбана герила Скопје од Центарот за современа уметност од Скопје, денеска излезе со нова герила акција со наслов „Литро крв за потрошувачка кошничка“.
Како што велат „герилците“, акцијата „Литро крв за потрошувачка кошничка“ е инспирирана од денешните највави за бојкот на маркетите поради енормно зголемените цени во последно време. Секојдневно сведочиме на ценовен хаос и поскапувања кои водат до сѐ поголем пад на животниот стандард. Цените токлу брзо се менуваат што граѓаните сѐ почесто во маркетите се шегуваат со вработените велејќи им „држи ја цената додека да извадам пари“.
Со оваа акција ние како уметниици, велат од Урбани уметнички акции – Урбана герила Скопје од Центарот се современа уметност, даваме активна поддршка на бојкотот на маркетите и се надеваме дека ваквите акции ќе извршат доволна мобилизација на граѓаните за да се креира притисок кон носителите на одлуки сериозно да се зафатат со проблемот на превисоките цени во маркетите, а и на пазарите (иако земјоделците се соочуваат со исклучително ниски откупни цени на своите производи) и конечно властите да почнат да носат одлуки и решенија во корист на граѓаните, а не на крупниот капитал чиј интерес е единствено профитот.