сабота, 27 јули 2024

По еден век повторно отворена историската џамија во Солун

Во средата стотина муслимани го прославија Рамазан Бајрам – крајот на Рамазан, во историската џамија, која беше отворена за прв пат по 102 години во грчкиот град Солун, каде што досега немаше јавни џамии.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Адел Џобран (20), бегалец од Јемен, кој студира во Солун и работи во ресторан, рече дека во тој град живее четири години и за прв пат има можност да се моли со своето муслиманско семејство.

„Имаме среќа што ни се отвора џамијата и чувствуваме голема радост што учествуваме во оваа молитва“, изјави за АФП Исмаил Бедредин (66), пензиониран столар.

Наречена „Јени џамија“ (Нова џамија), таа е историски споменик изграден во 1902 година од италијанскиот архитект Виталијано Посели. Првобитната религиска намена ја имала едвај две децении, а беше музеј од 1963 година до реставрацијата последниве години иницирана од грчкото Министерство за култура и религиозни прашања.

„До денес, немавме јавно место за молитва (во Солун) и за верските должности ја користевме нашата куќа“, рече Али, 23-годишен Турчин што студира економија на Универзитетот Аристотел во Солун.

Со упадливо присуство полицијата ги проверуваше оние што во средата дојдоа во џамијата.

„Им благодарам на оние што придонесоа за заживување на еден ваков споменик на културата, што покажува дека нема противречности помеѓу тоа да се биде муслиман и да се биде граѓанин“, рече грчко-египетскиот имам Таха Абделгалил, кој ја предводеше молитвата.

Изградена на два ката, комбинирајќи ја муслиманската традиција со елементи на архитектонскиот стил од 19 век, џамијата во почетокот на 20 век служела како место за богослужба за еврејските преобратеници во муслиманската вера, наречена „Донме“.

По грчко-турскиот договор за размена на население во 1923 година, кој произлезе од Лозанскиот договор од истата година, кој го означи крајот на Отоманската империја, во џамијата накратко беа сместени грчки бегалци од Турција.

Мировниот договор предвидуваше 1,6 милиони Грци што живееле во Мала Азија, во денешна Турција, да се преселат во Грција, а 385.000 муслимани од Грција – на териториите на соседна Турција.

Во 1963 година џамијата е претворена во Археолошки музеј, а на плоштадот пред неа има богата колекција на мермерни скулптури од римската ера и почетокот на христијанството – саркофази, релјефи, надгробни споменици од Солун.

Во поново време, џамијата се користеше како изложбен простор за Општинската галерија на Солун.

Во 2013 година, по иницијатива на поранешниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис, зградата им беше предадена за пладневна молитва на учениците од солунскиот разгранок на исламското верско училиште од градот Комотини во северна Грција.

Грчкото население е претежно православно, а до неодамна муслиманската заедница немаше никакво официјално место за богослужба освен во регионот на североисточна Грција, што каде живее муслиманско население од турско потекло, изземено од Верскиот закон од 1923 година.

Дури во 2020 година беше официјално отворена првата џамија во Атина, изградена првенствено за потребите на илјадниците муслимански бегалци и мигранти што пристигнаа во Грција во последните децении.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ