среда, 19 март 2025

По два и пол часа заврши телефонскиот разговор на Трамп и Путин

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа денес на телефон повеќе од два часа, а разговорот завршил нешто по 17 часот по средноевропско време.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Двајцата лидери го почнале разговорот околу 15 часот по средноевропско време, и тоа со околу еден час задоцнување, но на медиумите сè уште не им се познати сите детали.

Заменик шефот на персонал на Белата куќа Ден Скавино соопшти дека разговорот бил добар, пренесуваат американските медиуми.

Тој на социјалната мрежа Икс соопштуваше како тече разговорот.

„Во моментов е во тек – претседателот Трамп е во Овалната канцеларија и разговара со рускиот претседател Владимир Путин, почнувајќи во 10 часот по источно време. Разговорот тече добро и сè уште трае“, напиша Скавино.

Истовремено, Кремљ објави дека двајцата лидери веќе еден час разговараат на телефон.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков го најави вчера разговорот на двајцата претседатели и кажа дека главната тема ќе биде решавањето на украинското прашање.

Тој истакна дека меѓу Москва и Вашингтон веќе постои одредено разбирање, но постојат и низа нерешени прашања, а претседателите ќе ги отворат за време на разговорот.

Трамп пред разговорот истакна дека „многу работа“ е завршенa за време на викендот.

„Сакаме да видиме дали можеме да ја окончаме таа војна. Можеби можеме, можеби не можеме, но мислам дека имаме многу добра прилика“, оцени Трамп.

Тој додаде дека разговорот ќе се води за териториите, електростопанството и делењето на одреден имот.

Кремљ ќе одлучи за формата на пораката по разговорот на лидерите, но не се очекува Путин да се обраќа на јавноста по разговорот, оцени руски функционер.

Кирил Димитриев, специјалниот претставник на Путин за меѓународна економска и инвестициска соработка, кажа: „Предводен од претседателот Путин и претседателот Трамп, светот денес стана многу побезбедно место“.

Последен пат двајцата претседатели разговараа на 12 февруари, а разговорот траеше час и половина. Меѓу другото, се разговарало за решавањето на украинската криза. Шефовите на државите се согласија да ги продолжат контактите, вклучувајќи го и прашањето за личен состанок.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ