сабота, 27 јули 2024

По бунтот се гаси медиумското царство на Пригожин во Русија

Објавено на

часот

Сподели

Затворањето, како што се чини, е одмазда против овој тајкун, пишува сервисот Северни реалности на Радио слободна Европа.

Шефот на порталот РИА ФАН Евгениј Зубарев објави на 1 јули дека компанијата се затвора, не наведувајќи причина за таквата одлука.

РИА ФАН е најистакнатиот медиуми на групата Патриот медиа на Пригожин. Генерално има позитивен став кон Кремљ како и изразена патриотска линија, и исто така позитивно известува за активностите на Пригожин и ги напаѓа неговите соперници како гувернерот на Санкт Петербург Александар Беглов.

Весникот Невски новости од Санкт Петербург, кој го контролира Пригожин, исто така објави дека ќе прекине со печатење.

Весникот Комерсант објави на 30 јуни дека Роскомнадзор, рускиот државен надзорник на медиуми, без објаснување ги блокирал сајтовите на Пригожин.

„Бидејќи не можеме да продолжиме да работиме на рускиот интернет или да ги исполниме обврските кон нашите партнери и огласувачи, донесов одлука во соработка со управата на групата Патриот да престанеме со објава од 30 јуни“, кажа за Радио слободна Европа главниот уредник на Невски новости Андреј Краснобаев.

Пригожин, некогашниот близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин чија Вагнер група предводеше дел од борбите во Украина, почна бунт на 24 јуни по тврдењата дека руската војска убила некои од неговите луѓе во воздушен напад.

Во бунтот неговите борци влегоа во јужниот руски град Ростов на Дон и се заканија со марш на Москва.

Кризата беше ублажена откако Пригожин прифати договор со кој му се овозможи заминување во егзил во Белорусија.

Тој не се појавува во јавност по згаснувањето на бунтот, но белорускиот лидер Александар Лукашенко кажа дека се наоѓа во Белорусија.

На каналот на Телеграм Осторожно новости на 1 јули беше соопштено дека руското министерство за одбрана го поништило договорот со угостителската фирма на Пригожин Конкорд, која потоа отпуштила стотици работници.

Според договорот, Конкорд ги снабдувал со храна руските војници кои се борат во Украина, како и болниците и јавните организации во деловите од Украина под руска контрола.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ