Ракетата беше лансирана денеска и „слета во очекуваната морска област“, соопшти кинеското Министерство за одбрана, додавајќи дека пробното лансирање било „рутинско“ и „дел од годишната обука“. Типот на ракетата и нејзината траекторија останаа нејасни, но кинеските државни медиуми соопштија дека Пекинг „однапред ги известил соседните земји“.
Аналитичарите велат дека тоа што тестот се нарекува „рутински“ е изненадувачки бидејќи Кина последен пат извршила тест во меѓународни води во 1980 година. „Освен ако не пропуштив нешто, мислам дека ова е прв пат по долго време да се случи ова и да биде објавено како такво“, објави Анкит Панда, експерт за нуклеарно оружје во фондацијата Карнеги за меѓународен мир, на платформата Икс.
Тестовите за нуклеарно оружје на Кина обично се одвиваат внатре во земјата, а Кина претходно тестираше ракети ИЦБМ во пустината Такламакан во регионот Синџијанг. Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека нема оштетувања на нивните бродови.
„Ќе продолжиме да собираме и анализираме информации за движењата на кинеската војска и ќе ги преземеме сите можни мерки на претпазливост“, соопшти министерството, според јапонската телевизија НХК.
Последниот пат кога Кина спроведе ваков тест, проектилот прелета 9.070 километри и слета во Пацификот. Тој тест вклучуваше 18 кинески поморски бродови и сè уште се смета за една од најголемите кинески поморски вежби.
Џон Риџ, одбранбен аналитичар со седиште во САД, рече дека Кина можеби го спровела тестот како еден вид „сигнал до Соединетите Држави“.