Песната е дел од новата серија „Буквождер“, анимирано продолжение и приказна за буквите и за македонскиот јазик од легендарната „Бушава азбука“.
„Бушава Нова година“ ја пеат хероите од „Буквождер“, „Бушавковци“ чии гласови ги позајмуваат Ивана Павлаковиќ, Ангела- Александра Ивановиќ и Дамјан Цветановски. Музиката е на Георги Шарески, текстот на Мите Кузевски, а во адаптација помогнаа Горан Игиќ и Георги Шарески.
Креативни продуценти се Слободан Унковски и Синоличка Трпкова, додека извршни продуценти се Горан Игиќ и Мите Кузевски. Режисер и продуцент на анимираната серија е Георги М. Унковски, а сценариото е на Калија Киселичка.
Во анимацијата се користени оригиналните илустрации на Душан Петричиќ од 1985 година, за кои копродуцентите ги имаат откупено сите права, како и адаптации и нови илустрации од илустраторот на „Буквождер“ Томи Џуровски. Анимацијата на спотот за песната и анимацијата на новата серија е дело на одличните Никола Димов, Дамјан Mихаилов и Горан Менков.
„По двегодишни напори за обезбедување на поддршка и спонзори, овој прв проект од ‘Бушав универзум’ е финансиран од сопствени средства на копродуцентите. Во план е и јавна кампања за собирање средства. Со оваа анимирана серија чие емитување се очекува во 2025-та година, започнува новата етапа на ‘Бушава азбука’ и ‘Бушав универзум’ во Македонија, но и секаде каде што се присутни македонскиот јазик и култура“, се наведува во соопштението.
Во меѓувреме, се додава, седум години траат напорите за финансирање на „Бушав буквар“, продолжение на легендарната телевизиска серија „Бушава азбука“ за која Горан Стефановски ги почна, а по неговата ненадејна смрт Марјан Алчевски ги доврши сценаријата. За овој проект од национален интерес копродуцентите исто така ги имаат обезбедено сите права.
„Серијата за која институциите се глуви од 2018-та година е воедно и последното нереализирано дело на легендарниот македонски драматург Горан Стефановски. Идејни творци на проектот се режисерот Слободан Унковски и актерката Синоличка Трпкова Меллес, дел од оригиналната постава на омилената ‘Бушава азбука’“, се посочува во соопштението и се додава дека повеќе детали за „Буквождер“, „Бушав буквар“ и како е замислен „Бушав универзум“ копродукцијата ќе соопшти во 2025-та година.