вторник, 22 октомври 2024

Пленковиќ го обвини Милановиќ за државен удар: „Лаже кога тврди дека хрватски војници ќе одат во Украина“

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ повторно го обвини хрватскиот претседател Зоран Милановиќ дека лаже кога тврди дека хрватски војници ќе одат во Украина, и ја нарече „државен удар“ одлуката на Милановиќ на началникот на Генералштабот да му забрани да учествува на седница на собранискиот одбор за одбрана.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова е уште една во низата вербални судири на претседателот и премиерот кои се од различни партии, а најновиот е во врска со учеството на хрватски војници во мисијата на НАТО за поддршка на Украина.

Хрватскиот Сабор во петок ќе одлучува за предлогот на владата за испраќање пет војници во германскиот град Визбаден, за што е потребно двотретинско мнозинство од пратениците.

Владата му предложи на парламентот да се изјасни за тоа откако претседателот на Хрватска и врховен командант на војската неодамна одби да даде согласност хрватски војници да учествуваат во таа мисија, истакнувајќи дека сака со тоа да спречи „потенцијално штетно дејствување по националните интереси на Хрватска“.

Милановиќ истакна дека никогаш не кажал дека хрватските војници во мисијата на НАТО ќе одат во Украина.

„Таа невистина која во оваа приказна и не мора да биде пресудна жестоко ја шират Пленковиќ и неговите поданици, раководството на истата партија која со руски пари и донации ја уриваше мојата влада во 2014 и 2015 година во времето кога Русија веќе беше под санкции поради Крим“, кажа Милановиќ.

Тој кажа дека мисијата на НАТО за Украина е воена мисија на планирање и поддршка, прва таква во историјата на таа војна, оценувајќи дека секоја мисија со која директно се помага една од завојуваните страни е воена мисија, без оглед каде се наоѓаат припадниците на таквата мисија. Милановиќ истакна дека одлуката за учеството во таа мисија е исклучиво политичка, и дека неа мора да ја објаснат, донесат и за неа да одговараат политичарите, а не војниците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ