петок, 18 октомври 2024

Платформа за родова еднаквост бара струмичкиот градоначалник да не прави поделби, тој не се откажува од своите ставови

Објавено на

часот

Сподели

„Ваквиот наратив за ставање вето на соработката со „неистомислениците“ во граѓанскиот сектор кои се залагаат за унапредување на родовата еднаквост и почитување на основните човекови права создава дополнителна поларизација помеѓу граѓаните и поттикнува говор на омраза, насилство и нетолеранција. Сакаме да го потсетиме градоначалникот дека ваквата реторика на ‘подобни’ и ‘неподобни’ граѓански организации беше главен политички инструмент на минатиот автократски режим на владеење, против кој сите се боревме за да ги ослободиме граѓаните и институциите, со верување дека никогаш повеќе нема да се повтори“, реагираат од Платформата.

Во реакцијата се додава дека Костадинов со неговата објава на фејсбук поттикнува уште поголема нетрпеливост и омраза кон граѓанските организации кои не се согласуваат со неговиот интимен и личен став за верата, а на кој „не му е место во градоначалничката функција“.

„Го повикуваме градоначалникот на општина Струмица да се воздржи од понатамошни критики кон граѓанските организации кои се борат за унапредување на родовата еднаквост, како основно човеково право и една од најголемите демократски вредности на секое општество. Укажуваме дека ваквите негови настапи само може уште повеќе да поттикнат омраза и насилство кон различните и маргинализираните групи, а за кои градоначалникот е должен да ја обезбеди нивната безбедност и живот. Тие се чекор назад во демократијата и приближувањето кон ЕУ и не и носат никакво општествено добро на нашата земја. Оттука, повторно нагласуваме, Законот за родова еднаквост не е против ниту еден граѓанин, децата и семејствата, ниту пак со истиот се одземаат нечии права, туку вклучува подобри институционални механизми за унапредување на положбата на жената, еднаквост на жените и мажите во остварувањето на својот личен, социјален, економски и општествен потенцијал. Законот е за подобро утре за жените, децата, за демократијата, за еднаквоста во општеството“, пишува во реакцијата.

А Костадинов во телефонски разговор за МКД.мк вели дека општина Струмица и тој како градоначалник имале и ќе имаат одлична соработка со невладините организации вклучително и оние што работат на заштита на правата на жената но тој нема да дозволи дел од невладините организации да „ги повредуваат чувствата на поголем дел струмичани“ но ни неговите лични чувства.

„Во кабинетот на градоначалникот на Струмица има еден маж и пет жени. Во јавните установи, особено во основните и во средните училишта повеќе од вработениот кадар се жени.  Струмица е првата општина во Македонија што го формираше локалниот огранок на Националниот совет за женско претприемништво. Во Струмица функционира и Комерцијалниот центар за поддршка на жени, жртви на семејно насилство. Дел од поддржувачите на овој центар е токму и црквата. Во тек е подготовката за отворање и на Куќата на пола пат која ќе ги згрижува жените и децата, жртви на семејно насилство. Што се однесува до моите јавни појавувања на настаните во организација на организацијата Елеуса, јас се појавувам секаде каде што ме канат. Останувам на ставот за прогласување на ништовност на договорите за соработка со Хера и Маргини затоа што тие ги повредија чувствата на многу струмичани, на црквата но и лично моите“, вели за МКД.мк, Костадинов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ