„Јас и другите членови на собраниската комисија за мониторинг над службите за безбедност, кои воочивме за нас спорни моменти, свесни за обврската кон државната тајна која не обврзува без да изнесуваме детали во јавноста го известивме Јавното обвинителство. Морам да напоменам, дека известувањето беше со согласност на сите пратеници и од опозиција и од позиција. Јавното обвинителство со денови молчи. И нема никаква реакција. Затоа повторно излегуваме да алармираме.
Набавена е опрема за следење на комуникациите, со набавка спроведена на незаконит начин, без потребна дозвола од МВР и без почитување на Правилникот на Агенцијата. Јавно прашуваме, дали ваквата опрема е набавена со цел масовно прислушкување на македонските граѓани?
Дали со набавената опрема можат буквално да се прислушкуваат сите 2 милиони граѓани на Република Македонија?
Дали набавката на опремата е спроведена со цел прислушкување пред избори, и дали со истата власта има за цел да влезе и во други криминални дејанија?
Го повикуваме директорот на ОТА да одговори, дали набавил опрема за масовно прислушкување без потребната дозвола од МВР? Дали зад набавката на опремата на незаконит начин стои лично Димитар Ковачевски?