сабота, 27 јули 2024

Петровска: Не е исклучена можноста да примиме на лекување војници од Украина

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска од Охрид посочи дека МО не ја исклучува можноста, согласно направените проценки и во соработка со Министерството за здравство, да ги стави расположивите капацитети за лекување на војници од Украина. Таа информираше дека санирањето на сидриштето за пловила пред Центарот за обука на вода на АРМ во Охрид ќе продолжи, откако за тоа се добиени сите позитивни мислења од надлежните институции дека зафатот нема негативно влијание врз животната средина.

Објавено на

часот

Сподели

„Во рамки на Министерството за одбрана постојат капацитети што би можеле да бидат ставени на располагање. Во оваа иницијатива ќе бидат вклучени повеќе институции, но како МО сме подготвени позитивно да одговориме на таквите барања“, рече Петровска.

Министерката за одбрана, коментирајќи ја последната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон, потсети дека земјава ја поддржува Украина и нејзината борба, но оти нема испраќање војници на украинско тло.

„Тоа воопшто не е дискутирано, на последниот министерски состанок во Брисел воопшто не беше разговарано за испраќање војници. Меѓутоа, поддршка во други форми – да“, рече министерката Петровска.

Таа информираше дека санирањето на сидриштето за пловила пред Центарот за обука на вода на АРМ во Охрид ќе продолжи, откако за тоа се добиени сите позитивни мислења од надлежните институции дека зафатот нема негативно влијание врз животната средина.

Петровска појасни дека сидриштето што се користи за пловила на Министерството и на други субјекти, се очекува да биде готово за 45 дена, согласно договорот склучен со изведувачот.

Министерката посочи дека по увид во состојбата од пред повеќе од година дена констатирано било дека сидриштето е во мошне лоша состојба, а употреба во таква состојба претставува опасност по сите што го користат.

Поради тоа Министерството на одбрана спроведе јавна набавка за реконструкција на сидриштето, избран е најдобриот понудувач, но поради забелешки од страна на невладина организација дека реконструкцијата неповолно ќе влијае врз животната средина и еко-системот на Студенишкото блато каде се наоѓа и самиот Центар за обука на вода на АРМ, реконструкцијата беше стопирана.

„Се обративме до Министерството за животна средина, до Управата за заштита на културните споменици и УНЕСКО, кои по увидот во документација и елаборатот за заштита на животна средина, констатираа дека нема опасност по животната средина и добивме дозвола да продолжиме со реконтрукцијата“, рече Петровска изразувајќи уверување дека проектот ќе биде реализиран во предвидениот рок.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ