сабота, 27 јули 2024

Петровска: Нема задни намери во укажувањата на САД, корупцијата е и безбедносно прашање

Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека не гледа задна намера во сите пораки кои ги слушнавме изминатите денови од амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер и од другите американски претставници, туку напротив, како што посочува, смета дека тие само одат во поддршка на сето она што државата и целото општество се обидуваат да го направат.

Објавено на

часот

Сподели

Прашана за тоа како најавата на амбасадорката Анџела Агелер за нови имиња на „црната листа“ влијаат на нашите евроинтеграциите, Петровска пред почетокот на денешната регионалната конференција „Мир и просперитет на Западниот Балкан“, нагласи дека не само во делот на одбраната туку САД се наш стратешки партнер од осамостојувањето на оваа држава.

„Сите ние сме сведоци низ какви премрежија поминавме и во блиското и во подалечното минато, какви сѐ одлуки моравме да донесеме коишто можеби на моменти беа тешки, беа политички предизвикувачки меѓутоа сепак беа донесени за да можеме да ги оствариме нашите стратешки цели. Во сите оние пораки кои ги слушавме и вчера, меѓутоа и во изминатите денови и од амбасадорката и од претставниците на САД јас не гледам задна намера. Напротив, сметам дека тие само одат во поддршка на сето она што ние како држава и како општество се обидуваме да го направиме“, вели Петровска. 

Како министерка за одбрана и пред сѐ како граѓанин на оваа држава, таа нагласи дека корупцијата претставува безбедносно прашање.

„Ако немате контрола на тој сегмент од општеството, не можете никогаш да бидете сигурни каде тие пари ќе завршат, кого сѐ ќе финансираат и на каков момент, сега не зборуваме за големи дестабилизации, меѓутоа во даден момент можат да ја дестабилизираат државата на каков било начин“, вели Петровска.

Борбата против корупцијата, подвлекува Петровска, не треба да биде декларативна и очекува и сега, меѓутоа и во иднина институциите поагилно да реагираат.

„Се работи и на измена на законодавството со кое што во иднина лицата кои ќе се најдат на црни листи или на каков било начин ќе претрпат санкции дали тоа ќе биде од ЕУ или од нашите стратешки партнери ќе можат веднаш без одлагање да бидат преземени мерки. Ова е само еден мал сегмент, меѓутоа навистина е значаен ако сакаме навистина да се справиме со корупцијата“, рече Петровска.

Според Петровска, конечна борба или конечна победа против корупцијата никој не постигнал, но тоа не значи дека треба да бараме изговори, туку напротив треба да даваме решенија и да покажеме активности.

„Без разлика колку понекогаш е тешко да донесеме одредени одлуки, европската интеграција на нашата држава при минувањето на оваа точка во која што во моментот стоиме е вистинското решение и за борбата против корупцијата и за подобрување на состојбите во целото општество. Само со мало приближување, а тоа го направивме со завршувањето на процесот на скринингот и одржувањето на првата меѓувладина конференција, се отвори многу голема поддршка и во финансиска смисла, меѓутоа и во секаква смисла во делот на подобрување на процесите внатре во државата“, оцени Петровска.

Евроинтеграцијата, посочи таа, не ја правиме заради големите земји и заради тоа што некој тоа го бара од нас, туку, како што вели, тоа го бараме како резултат на поддршката кои граѓаните на оваа држава ја даваат. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ