сабота, 27 јули 2024
Посета во касарната Илинден

Петровска им објасни на студентите по безбедност како да станат дел од АРМ

Денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска се сретна со студентите од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј кои беа во посета на касарната Илинден, каде одблиску се запознаа со дел од капацитетите и начинот на функционирањето на Армијата.

Објавено на

часот

Сподели

Во своето обраќање министерката Петровска на студентите им го образложи начинот како тие можат да станат дел од одбраната и Армијата и на тој начин да дадат личен придонес кон зацврстувањето на безбедноста.

„Во наредниот период, по крајот на изборите, во соработка со факултетот со кој имаме и потпишано Меморандум за соработка ќе воспоставиме програма за практична работа преку која секој од вас кој е заинтересиран ќе може да извршува практична работа во Министерството и во Армијата. Доколку имате интерес и покажете успех и понатаму ќе имате можност да останете како дел од кадарот во министерството и Армијата“, рече Петровска.

Министерката им посочи на студентите за важноста, вредностите и професионалноста на припадниците од Армијата како и на поддршката и довербата која континуирано ја добиваат од граѓаните.

„Трудот кој го вложуваат овие професионалци во гарантирањето на нашата безбедност, на државата и како дел од Алијансата е непроценливо. Сè што изминатиот период направивме и поддршката која ние ја дадовме е повеќе од заслужена“, истакна Петровска.

Во дијалог со студентите кои беа заинтересирани за различни  теми од полето на одбраната, министерката одговараше на нивните прашања за модернизацијата на Армијата, за нашето членство во Алијансата,  како и за можностите за нивен иден ангажман во Министерството и Армијата.

За време на посетата на касарната Илинден студентите имаа можност да проследат ориентационен брифинг, брифинг за историјата и задачите на Баталјонот за специјални сили „Волци“, методско-показна вежба, ТТ збор како и презентација за справување со дезинформации од професорот на Правниот факултет на Универзитетот Мињо од Португалија, Бруно Рејно де Соуса.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ