петок, 25 октомври 2024
Според полицијата во Калифорнија

Петмина уапсени и обвинети за смртта на Метју Пери, меѓу нив и личниот асистент

Пет лица се уапсени и обвинети за смртта на Метју Пери, соопштија обвинителите, меѓу кои и личниот асистент на актерот и двајца лекари.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мартин Естрада, адвокат за Централниот округ Калифорнија, на прес-конференција рече дека лекарите му дале на актерот од „Пријатели“, кој почина во неговиот дом во Лос Анџелес во октомври 2023 година, големо количество кетамин и „ги искористиле проблемите со зависноста на господинот Пери за да се збогатат“.

Пери (54) јавно зборуваше за своите проблеми со зависноста. Во моментот на смртта бил подложен на инфузиска терапија со кетамин против анксиозност и депресија, изјави лекарот од Лос Анџелес во извештајот од обдукцијата минатата година, но испитувачот открил многу повисоки нивоа на кетамин во крвотокот на актерот отколку што би се очекувало само од терапијата.

Полицискиот оддел во Лос Анџелес и администрацијата против дрога во мај изјавија дека работат на заедничка кривична истрага за тоа како Пери ги добил лековите на рецепт и зошто во неговиот систем има толку големо количество од лекот.

„Таа истрага откри широка подземна криминална мрежа одговорна за давање големи количества кетамин на г. Пери и на други“, рече Естрада во четвртокот.

„Оваа мрежа го вклучувала неговиот асистент, различни посредници, двајца лекари и еден главен извор на снабдување со лекови познат како, цитирам: „Кралицата на кетаминот“.

Естрада рече дека пет лица се обвинети.

„Тие знаеле дека тоа што го прават е погрешно. Тие знаеле дека тоа што го прават е голема опасност за г. Пери, но сепак го правеле тоа. На крај, овие обвинети биле позаинтересирани да профитираат од г. Пери отколку да се грижат за неговата благосостојба“, рече тој.

Документите поднесени во федералниот суд во Калифорнија, објавени од Њујорк тајмс, ги обвинуваат петте лица, меѓу кои е и личниот асистент на Пери, дека биле вклучени во шема за набавка на кетамин во вредност од илјадници долари и дека му го давале на Пери.

Јасвен Санга, за која обвинителите рекоа дека била позната како „Кралицата на кетаминот“, и Салвадор Пласенсија, лекар познат како „Д-р П“, се меѓу обвинетите, според Тајмс. Двојката е обвинета за заговор за дистрибуција на кетамин; дистрибуција на кетамин што резултира со смрт; поседување со намера да се дистрибуира метамфетамин; и менување и фалсификување записи поврзани со федерална истрага.

Кенет Ивамаса, личниот асистент на Пери, е обвинет за заговор за дистрибуција на кетамин, објави Тајмс, а обвинети се и Марк Чавез, лекар, и Ерик Флеминг, познаник на Пери.

Судските документи откриваат СМС-пораки испратени помеѓу Пласенсија и Чавез во кои првиот разговарал за купување кетамин за да ѝ го продаде на „жртвата М.П.“ – Пери.

Во муабетот, Пласенсија напишал: „Баш ме интересира колку ќе плати моронов“ и „ајде да откриеме“, објави Тајмс.

Пери беше пронајден мртов во када со топла вода во неговиот дом во Лос Анџелес во октомври 2023 година. Како причина за смртта беше наведено „акутни ефекти од кетамин“. Како споредни фактори беа наведени давење, коронарна артериска болест и ефекти на бупренорфинот, кој се користи за лекување на погрешна употреба на опиоиди.

Аутопсијата откри нивоа на кетамин во неговата крв слични на нивоата користени за време на општа анестезија.

„Со високите нивоа на кетамин пронајдени во неговите посмртни примероци крв, главните причини за смртта би биле прекумерна кардиоваскуларна стимулација и респираторна депресија“, се вели во извештајот од обдукцијата.

Смртта на Пери беше прогласена за несреќен случај.

Пери разговараше јавно за својата злоупотреба на супстанции, за која рече дека почнала на 14-годишна возраст и се интензивирала за време на неговото глумење во „Пријатели“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ