На Фејсбук неодамна беше објавен повик за „Саботирање на бесплатниот концерт на крвавата Јелена Карлеуша“, за кој досега интерес покажале 6.700 луѓе, а присуството го потврдиле 480.
„Јас велам дека мене Крагуевац најмногу ме сака и дека со нетрпение ме чекаат. Ако страдам, нека биде славно. Во градот каде на многумина пукале во историјата, но тие и понатаму држеле час. Час по храброст и правда“, одговори Карлеуша на социјалните мрежи.
Таа претходно најави дека во Крагуевац ќе пее бесплатно на повик на Градската туристичка организација, дека на децата ќе им даде новогодишни подароци и дека ќе даде милионска донација на некој за кој ќе одлучат граѓаните.
Во новогодишната ноќ во Крагуевац ќе биде приреден уште еден концерт, на друг плоштад ќе настапи рок-групата Генерација 5.
Музичарите и културните работници од Крагуевац соопштија на крајот на ноември, по повод најавата за организирање на концертот на пејачката Јелена Карлеуша за дочекот на Нова година во тој град, дека таквата одлука на властите е непримерна и штетна и додадоа дека концертот е непотребно трошење на јавните средства.
Во отвореното писмо на музичарите од Крагуевац се наведува дека таквата одлука на локалната власт е „непримерна и штетна, и за културата на Крагуевац и за моралниот интегритет на нашето општество во момент кога целата земја се соочува со тага поради трагедијата во Нови Сад“.
Тие сметаат дека наместо трошење за масовни и скапи манифестации кои промовираат кич и шунд, Крагуевац треба да се посвети на развојот на локалната култура, поддршката на младите и на афирмираните уметници, како и негувањето на вредностите кои се дел од идентитетот на тој град.
„Крагуевац не смее да стане град кој финансира популистички спектакли на штета на своето културно наследство и на граѓаните“, се наведува во отвореното писмо.
Музичарите ги повикаа и другите градови во Србија да ги прекинат „ваквите бесмислени и непримерни манифестации“.
Ги повикаа уметниците и сите граѓани да ја поддржат петицијата на Движењето на слободни граѓани за откажување на концертот на Јелена Карлеуша во Крагуевац.
„Со својот потпис испраќаме јасна порака дека Крагуевац, како и цела Србија, заслужуваат подобро – културно освестени одлуки и вложување во вистинските вредности“, порачаа музичарите.