На 17 јуни 2018 година, во селото Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското Езеро од грчка страна, Македонија и Грција го потпишаа договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји.
Договорот, кој многумина го сметаат за историски, но и модел за мирно решавање на споровите, го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.
Со решението, за нашата земја се отвори патот кон НАТО, но не и кон ЕУ. „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“. Ова беше прашањето на референдумот кој се одржа на 30 септември 2018 година. По недоволната излезност од 36,91 отсто наспроти минимумот од 50 отсто плус еден глас се премина на гласање во Собранието. Уставните измени кои се предвидуваа со Преспанскиот договор беа усвоени во Собранието со 81 глас „за“, со големи сомневања за поткуп на осум пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Социјалистичката партија.
Две години подоцна Македонија стана членка на НАТО (27 март 2020), но датумот за преговори со ЕУ сè уште е неостварена цел. Значи, само една од двете главни стратешки цели поради кои беше потпишан договорот од македонска страна е реализирана.
На ред дојде Бугарија со нивните барања за македонскиот јазик, македонската историја, македонскиот идентитет… За ЕУ ваквите договори придонесуваат за регионална стабилност и треба да служат како пример. Сепак, голем дел од анализите кажуваат дека ова е доказ за непринципиелната политика на Европската Унија.
На внатрешен план, Преспанскиот договор и пет години потоа не успеа да постигне политичкото единство. Дел од политичките партии и граѓаните не се согласуваат дека договорот носи придобивки и сè уште сметаат дека тој оди на штета на националните интереси и идентитет.
Во Македонија и натаму виси прашањето дали вредеа отстапките што ги направи македонската држава со овој договор. За власта договорот е позитивен исчекор на државата. Но, голем дел од јавноста смета дека договорите со Грција и Бугарија се погубни. За Договорот од Преспа се смета дека ги стабилизира Македонија и регионот, Но, од друга страна пак, откако по Нивици настапи Бугарија, се смета дека е само продолжување на она што почна пред пет години, а тоа е нови поделби во македонското општество и нов бран уцени кон нашата држава од соседите и меѓународната заедница.
Јадицата која беше фрлена за македонските граѓани со Договорот од Преспа беше членството во НАТО и ЕУ. Само уште ова – името и готово. Пет години потоа членството во ЕУ, или барем почеток на преговорите, остануваат недостижни.
Сите испитувања на јавното мислење уште тогаш покажаа дека Македонците, 70 отсто од нив беа против најголем дел или сите битни одредби од договорот од Нивици. Тоа се потврди и на референдумот кога не се обезбеди потребната мнозинска поддршка. И овој договор, како и оној со Бугарија, навлегуваат во идентитетските прашања што е спротивно на европските вредности, на владеењето на правото, на правото на самоопределување, недискриминацијата…
Кога веќе еднаш е направена таа отстапка, денес е уште потешко да се одбранат овие основни права во случајот со Бугарија. Во таа смисла веројатно историјата ќе го оцени Преспанскиот договор и како многу штетен за националните интереси на Македонија.
Во однос на спроведувањето на Договорот, постојат одредени доцнења од грчка страна, како што се одржувањето на вториот Совет на високо ниво и ратификацијата на трите меморандуми за соработка во Парламентот.
Согласно договореното, Советот за соработка на високо ниво предводен од премиерите на двете земји, „ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе биде надлежно тело за правилно и делотворно спроведување на оваа Спогодба и Акцискиот план кој ќе произлезе од истата”. Првата и единствена таква меѓувладина седница беше одржана во Скопје во април 2019 година, при посетата на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас. На втората домаќин треба да биде Грција. Поканата сѐ уште ја нема.
Пет години од потпишувањето на Преспанскиот договор останува отворен предизвикот на прашањето дали, колку и чии очекувања исполни договорот за евроатланска и европска интеграција на Македонија.
А.Д.