понеделник, 27 јануари 2025

Песков: Позицијата на Јапонија кон Русија е отворено непријателска

Политиката на Токио кон Москва останува отворено непријателска, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, запрашан да ја коментира изјавата на јапонскиот премиер Шигеру Ишиба за желбата да се реши „територијалниот проблем“ и да се склучи мировен договор со Русија, и покрај моменталните тешкотии во билатерални односи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Јапонија зазема отворено непријателски став кон нашата земја“, рече Песков, одговарајќи на прашање дали Токио дал некакви сигнали за подготвеност за разговори за договор и обновување на односите со Москва, пренесува ТАСС.

Јапонскиот премиер во петокот повтори дека сака да склучи мировен договор со Русија. Според него, јапонско-руските односи се „во тешка состојба“, но Јапонија ќе го продолжи својот курс кон решавање на територијалното прашање и склучување мировен договор.

Од средината на минатиот век, Москва и Токио преговараат за мировен договор по Втората светска војна, а главната пречка се несогласувањата околу правата на јужниот дел на Курилските острови. По завршувањето на војната, целиот архипелаг бил инкорпориран во Советскиот Сојуз, но Јапонија ја оспорува сопственоста над Итуруп, Кунашир, Шикотан и група мали ненаселени острови.

Руското Министерство за надворешни работи постојано нагласува дека суверенитетот на Русија врз овие територии, кои имаат соодветна меѓународно-правна рамка, е несомнен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ