Според Песков, европските лидери сега мора да вложат дополнителни напори за „да го измијат непријатниот впечаток“ што го остави посетата на Зеленски на Трамп. Политичките аналитичари предупредуваат дека оваа ситуација дополнително ѝ користи на Москва, која се обидува да ја ослабне позицијата на Зеленски и неговиот меѓународен кредибилитет.
Реакциите од Русија на жестоката размена на зборови во Овалната соба беа очекувано остри. Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев коментираше дека Зеленски доживеал „вистинска шлаканица“ во Вашингтон, додека портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова иронично истакна дека е чудо што Трамп и сенаторот Џеј Ди Ванс физички не го нападнаа украинскиот лидер.
Песков го критикуваше и вчерашниот самит во Лондон, каде европските земји најавија дополнителна финансиска и воена помош за Украина. Според него, одлуките донесени на состанокот – вклучително и британскиот договор за испорака на противвоздушни ракети во вредност од 1,6 милијарди фунти – нема да донесат мир, туку само ќе го продолжат конфликтот.
„Ова очигледно нема никаква врска со мировниот план, туку ќе овозможи продолжување на непријателствата“, нагласи Песков. Тој додаде дека е клучно Зеленски да ја смени својата позиција и да започне преговори.
„Сега би била добредојдена секоја конструктивна иницијатива за мир. Но, некој мора да го натера самиот Зеленски да сака мир. Тој не го сака тоа во моментов. Некој мора да го присили да се премисли“, заклучи портпаролот на Кремљ.