„Германија треба да ја загрижува нејзината сериозна и директна вмешаност во конфликтот во Украина, а не написот на Билд за наводен таен план за руски напад на НАТО. Тоа би требало да ги загрижува“, порача Песков на социјалната мрежа Телеграм.
Песков напомена дека германскиот таблоид во последно време се спуштил на ниво на објавување „новинарски патки“.
Претходно Билд, повикувајќи се на „таен документ“ на германските оружени сили Бундесвер, објави „план“ како Русија, според проценка на авторите, би можела да го нападне источното крило на НАТО.
Весникот наведува дека Германија се подготвува за војна меѓу НАТО и Русија, која наводно би можела да почне во летото 2025 година.
Во текстот се наведува дека ескалација на војната во Украина би можела да доведе до отворен конфликт на НАТО и Русија наводно уште во февруари оваа година, во рамки на активна офанзива на Москва на украинските сили кои, според Билд, би се повлекле до јуни.