петок, 18 октомври 2024

ПЕРВЕРЗНО: Балкански крадци

Објавено на

часот

Сподели

Цртеж: Билјана Пејовска

Никогаш не сум бил голем обожавател на Борис Тадиќ, отсекогаш го сметав за политичар со ограничени способности и за нешто како „најмалото зло“ за Србија, зашто алтернативите за него беа – и сè уште се – навистина очајни.

Сепак, единственото нешто што му го признавав беше неговиот став кон земјите што Србија ги опустоши за време на горчливите југословенски војни, главно Босна и Херцеговина и Хрватска. Ја поздравив неговата посета во Сребреница пред неколку лета и неговото официјално извинување како искрен знак на колективната вина за злосторствата што одредени членови на српската нација ги извршија таму. Исто така, верував дека неговата пријателски подадена рака кон Хрватска беше искрен, човечки и неполитички потег. Очигледно така мисли и новата хрватска влада, која енергично возвраќа на неговите гестови.

Токму затоа речиси паднав од столот додека го читав неговото најново интервју за српскиот весник „Прес“. Практично од ведро небо и дури без никакво провокативно прашање, тој гордо вели дека Руѓер Бошковиќ го смета за еден од најголемите Срби (!) на сите времиња. Знаејќи каков гнев оваа изјава може да предизвика во Хрватска, тој непромислено додаде една уште полоша констатација – „Сигурен сум дека моите хрватски пријатели ќе ми простат за ова, но Руѓер Бошковиќ бил српски католик“, заклучи тој.

Јас сега нема да ви го претставувам животот на Руѓер Бошковиќ за да ви докажам дека г. Тадиќ не може да биде подалеку од вистината, присилно правејќи ја Србин личноста што живеела во 18 век јавно изјаснувајќи се како Хрват. Повторно, едно едноставно пребарување на Гугл ќе ви докаже колку е апсурдно ова тврдење. Овде е важно зошто претседателот на Србија има потреба да си присвојува еден Хрват и да го претставува како Србин. За жал, ова не е осамен случај во денешна Србија. Иво Андриќ, Југословен (според неговото сопствено изјаснување), роден од хрватски родители во Долач, БиХ, во Белград масовно се смета за Србин. „Тој ми е омилен наш (српски) романописец“, вели Тадиќ во истото интервју. Зошто? Затоа што многу години живеел, а потоа и умрел во Белград, во југословенско време, се разбира. И јас овие редови ги пишувам од Белград, во моментов живеам тука. Ако умрам утре, дали ќе ме сметаат за Србин?

Истото важи и за големиот Меша Селимовиќ, кој исто така се смета за еден од големите синови на Србија. И тоа продолжува, и продолжува… и, за жал, не завршува со Србија.

До периодот од неколку години по Втората светска војна, никој во Бугарија не тврдеше дека Гоце Делчев или Јане Сандански се Бугари. Меѓутоа, по судирот Тито-Сталин во 1948, тоа веќе не беше така. Пиринските македонски градови Горно Неврокоп и Свети Врач беа преименувани во Гоце Делчев и Сандански по тој редослед, учебниците беа сменети и сега тие двајца имаат истакнато место во пантеонот на бугарските херои, рамо до рамо со канот Аспарух и со Васил Левски.

И ако посакате да патувате кон југот, ќе наидете на истиот иритирачки став. Арнаутските војводи на таканаречената Грчка револуција против Турците преку ноќ беа прогласени за Грци, иако повеќето од нив не знаеја речиси ниту еден грчки збор. Познатите венециски фамилии Корнаро, Мосуро и Моацо, кои во 16 и 17 век живееја на островот Крит и ги создадоа некои од најважните уметнички дела на критската ренесанса, исто така беа насилно покрстени како Грци по нивната смрт (Корнарос, Мусурос, Моацос). Оваа манија продолжи во 20 век со преименувањето на македонските, албанските, влашките и турските топоними и презимиња, така што да звучат грчки. Дури и Гоце Делчев не можеше да му избега на овој тренд. Неодамна некои ултранационалистички блогови го „открија“ грчкиот херој Јоргос Гоцис, роден во Кукуш, кој се борел со Грците против Бугарите и Турците и на крај бил убиен од страна на турски полицаец. Според ова сценарио, Македонците/Бугарите го преименувале Гоцис во Гоце Делчев и неговите посмртни останки присилно биле пренесени во Скопје!

Ајде сега да се вратиме на почетното прашање. Зошто ја имаме потребата да крадеме историски ликови што им припаѓаат на други народи и да ги претставуваме како наши? Главно затоа што ние немаме сопствени такви ликови, зашто не се гордееме со своите сопствени историски ликови или комбинација од двете.

Во случајот на Србија никој не може да се гордее со наследството на нивните современи херои. Со исклучок на Тесла – роден во Славонија, никогаш не живеел во Србија – српските историски ликови на 20 век претежно се покриени со крв, почнувајќи од Гаврило Принцип, па сè до Ратко Младиќ. Андриќ и Селимовиќ би можеле да внесат некој вид рамнотежа во оваа мрачна слика, па тие присилно стануваат Срби.

Според теоријата на Тадиќ, доволно е да присвоиш некој мртов човек за да го направиш Србин. За несреќа, повеќето од оние што никој не сака да ги присвои се исто така Срби. А некои од нив и се живи. Нели, генерале Кадијевиќ?

ПС. Се разбира, и Македонија има свој удел во присвојувањето спорни херои, почнувајќи од Александар Велики. Дозволете ми во некоја од моите наредни колумни да се обидам да објаснам зошто се случува ова.

Јоргос Пападакис

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ