Како што се наведува во анализата, трошоците за работењето на АД Државна лотарија, односно за продажба, се зголемени од 361 милиони на 670 милиони денари до крајот на 2023. Речиси сите ставки како трошоци за работење, се двојно, тројно, а некои и четирикратно зголемени.
Трошоците за закупнини се зголемени од 14 милиони на безмалку 54 милиони денари, односно 900.000 евра. Услугите за одржување пораснале од 11,3 на 31,1милиони денари. За реклами и промоции биле издвоени 130 милиони, а една година претходно тој трошок изнесувал 47,5 милиони денари. „Провизии за продажба“ како услуга е прикажана во висина од 105 милиони денари, а претходно за тоа биле платени околу 67 милиони. За транспортни и комунални услуги биле потрошени 700.000 евра, а една година пред тоа тоа било двојно помалку.
Спонзорствата и донациите биле речиси двојно зголемени од 25,6 на 48,2 милиони денари. Ставката „платени посебни давачки и надомести“ изнесува 935.000 евра, а претходно за ова не биле платени ниту цели 300.000 евра. За „професионални услуги“ исплатен е речиси еден милион евра, а една година претходно само 350.000 евра.
Владата лани во септември објави дека е раскинат договорот за закуп на објектот во Визбегово како деловно-административен центар на Државната Лотарија. Спорниот договор бил постигнат токму во 2023.
„Овој договор кој е склучен за време на минатата влада предизвика силни контроверзни и нереални високи суми при што се споменуваа и одредени лукративни интереси. Договорот е во износ од 2.26 милиони евра во период од неколку години“, стоеше во соопштението од седницата на Владата.
На крајот на минатата година беше отворен случај по вонредниот попис на телевизори набавени преку тендери за потребите на Државна лотарија. Како што беше тогаш медиумски објавено, пребројувањето на набавените уреди било направено по барање на Финансиската полиција.
Државната лотарија требаше да ја достави листата со наоди до Управата за финансиска полиција за тоа што покажало пребројувањето на набавките. Беше објавено дека се испитуваат и тендерите за маркетинг и промоција на Државната лотарија како предмет на истрага на Обвинителството. Истражителите чешлале и други одлуки и договори кои ги спроведувал претходниот директор, Перпарим Бајрами. Документацијата која се барала е за спроведени огласи, тендери, склучени договори и секаква друга придружна документација за јавни набавки.
АД Државна лотарија за 2023 оствари добивка од 8 милиони евра, најмногу благодарение на приходот од 10 милиони евра кој го доби како 51-отстотен сопственик на Државна видеолотарија, каде како свој удел го има пренесено правото на организирање видеоигри на среќа и ексклузивно право на организирање интернет игри на среќа.