сабота, 27 јули 2024

Период на дарување и на купување

Објавено на

часот

Сподели

Божиќната елка светка со помош на пораките од популарните социјални мрежи

Украсени излози, улични паради, церемонијално откривање на божиќни елки. Вака приближно изгледа Торонто за време на божиќните и новогодишните празници. Градот Торонто заедно со своите предградија има 5,5 милиони жители. Град во кој живеат 30 отсто од сите новодојдени имигранти, или 20 отсто од вкупниот број имигранти во Канада. Секој втор жител на Торонто е роден надвор од Канада, а се зборуваат повеќе од 140 јазици и дијалекти. Тука, кога ќе кажам од каде сум, не е ретко луѓето да знаат за Македонија, или имаат пријатели или познаници поврзани со Македонија. Многу е интересно што судејќи по мојот акцент луѓето претпоставуваат дека сум Французинка. Тоа е поради акцентот на француските граѓани од Квебек, кој е многу поинаков од оној на Французите од Европа, а по сѐ изгледа сличен на мојот.
Демографската структура на градот се пресликува и во начинот на кој различните заедници ги слават божиќните празници. Како за илустрација, за најголем дел од кинеската заедница, која е 11,4 отсто од вкупната популација, Божиќ е само уште еден работен ден. Пријателката со италијанско потекло, пак, ми кажа дека во нејзиното семејство Божиќ се слави со богата трпеза составена од риба, традиционален италијански колач и многу овошје и слатки. Сепак, најголема важност му се дава на празникот Богојавление, кој го слават во јануари. Канаѓаните со британско потекло приготвуваат мисиркино месо и одат на божиќна миса. Низ целиот град има црковни служби, хорски изведби, како и сценски изведби на темата Христовото раѓање.
Најголем дел од Македонската заедница го слави Божиќ во духот на православието, според Јулијанскиот календар. За Божиќ се одржува црковна литургија, а во организација на женската секција при црквата „Св. Климент Охридски“ се организира делење пакетчиња за најмладите. Интересно е дека за Бадник во кругот на црквата се пали коледарски оган, се дели варена ракија, како и мали врзопчиња со бонбони и овошје за децата.

За празниците секој Канаѓанец ќе потроши околу 1.397 канадски долари

Градот е прекрасно украсен веќе од ноември, а особено внимание ѝ се посветува на естетиката на излозите на големите стоковни куќи, кои се дизајнирани од реномирани имиња од креативната индустрија. Торонто нема централен плоштад во класична или европска смисла, туку повеќе мали централни јадра со функција на плоштад. Пред Собранието, на пример, има фонтана што во зима замрзнува и се користи за лизгање. Оваа година голем интерес предизвика божиќната елка поставена во централната железничка станица, која светка со помош на пораките од популарните социјални мрежи. Пораките испратени преку Фејсбук и Твитер ги палат белите светилки, пораките испратени преку блогови и форуми ги палат црвените, зелените светилки се палат преку онлајн-вестите, а сините со директно испраќање пораки на ChristmasSpiritTree.ca.
На ТВ-екраните наизменично се менуваат реклами за попусти и специјални понуди, со апели за донации во хуманитарни цели. Според Банката на Монтреал, оваа година за време на божиќните и новогодишните празници секој Канаѓанец ќе потроши вкупно околу 1.397 канадски долари за овие празници за подароци, забава, патувања итн.
Што се однесува до мене, јас уживам во разновидноста што ја нуди Торонто, во новогодишните украси и посакувам да падне барем малку снег заради комплетен ефект, раскажува Маја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ