петок, 10 јануари 2025

Перински: Со буџетската поддршка на општините граѓаните ќе добијат нови градинки, улици, канализација, реконструирани мостови

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински ќе започне теренска проверка на реализацијата на проектите на општините кои добија финансиска помош од државата. Тој очекува од општините да достават предлози и сугестии за планираната втора објава на повикот за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти како и да добие информации за евентуалната потреба од помош при подготовката на техничката документација.

Објавено на

часот

Сподели

Ги менуваме ликот и функционалноста на општините, вели министерот за локална самоуправа и регионален развој, Златко Перински, во интервју за порталот Плусинфо во кое вели дека е презадоволен од досега сработеното, со оглед на околностите со кои се соочил кога стапил на функцијата, особено кога станува збор за кадровата екипираност и стручноста на поголемиот дел од министерството.

„Со Владата го исполнивме ветеното за финансиска поддршка на општините, односно го распишавме јавниот повик, успешно ги продолживме и зајакнавме партнерските односи и соработката со важни меѓународни партнери како Владата на Швајцарија, УНДП… Заедно започнавме и завршивме низа проекти кои, меѓудругото, имаат директно влијание на поттикнување на економскиот развој во сите општини и региони. Еден од значајните сегменти на нашата работа минатата година, кој продолжува и оваа година, се проектите финансирани преку ИПА програмата фокусирани на развојот на пограничните региони, што е важен аспект на регионалниот развој. Особено сум горд што мојата иницијатива за измени и подобрување на Законот за локална самоуправа се преточи во реалност за зголемена транспарентност и отчетност на општините, унапредување на учеството на граѓаните во управување со локалните политики, воведување комунални редарски служби и развој на недоволно развиени подрачја, сето тоа во интерес на општините, а пред сè на граѓаните“, вели Перински.

Перински вели дека општините што добија државна помош сериозно и посветено работат на спроведувањето на проектите со кои конкурираа за добивање на оваа помош. За него тоа е очекувано, со оглед на тоа дека општините веќе покажале висок степен на максимална посветеност уште во фазата на аплицирање, што говори за нивната мотивација, желба, а пред сѐ потреба да ги реализираат за нив важните проекти.

„Во моментот, четири проекти веќе се започнати и активно се реализираат на терен, односно градежните работи се во тек. За 203 проекти, тендерската процедура е веќе во завршна фаза, што значи дека многу брзо ќе започне и нивната имплементација. Ова е потврда дека динамиката на работењето е навистина активна и дека се исполнуваат поставените рокови. За 40 проекти, тендерирањето е завршено, потпишани се договори со изведувачите, за 39 проекти, тендерите ќе бидат распишани во наредните денови, а за два проекта јавната набавка треба да се повтори. Сето ова укажува дека оваа година ќе бидеме сведоци на вистински градежен бум во општините. Граѓаните ќе добијат нови градинки, нови улици, подобрени канализациони системи, реконструирани мостови, нови спортски игралишта…Овие проекти не се само инфраструктурни инвестиции, туку и важни за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Од една страна, ќе се создадат подобри услови за секојдневен живот, а од друга страна, ќе се создадат поволни услови за развој на локалната економија и општеството во целина. Проектите ќе придонесат за одржлив развој на сите општини, создавајќи нови можности за раст и напредок“, тврди Перински.

Министерот вели дека сака да има личен увид во следењето на напредокот и решавање на потенцијалните проблеми при реализацијата на општинските проекти и затоа ќе започне со теренска посета на секоја општина и увид на реализација на секој проект одделно.

„Целта на овие посети е да се уверам лично во напредокот на реализацијата на проектите, како и да поразговараме и за евентуалните непредвидени проблеми што може да се појават во текот на имплементацијата, со цел навремено да се изнајдат решенија и да се избегнат било какви застои. Истовремено, од овие посети очекувам да добиеме предлози и сугестии од општините за планираната втора објава на повикот за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти, да добиеме навремени информации за подготовеноста на општините за следните апликации, како и за евентуалната потреба од помош при подготовката на техничката документација. Целта е да им обезбедиме на општините максимална поддршка и да ги поттикнеме да бидат што поподготвени за новите предизвици и можности овозможени со планираниот втор јавен повик“, вели Перински.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ