петок, 7 март 2025

Перински: Нудиме решенија за проблемите со загадувањето, јавниот транспорт, одлагањето отпад…

Kлучен фактор во успешноста на функционирање на една локална самоуправа е иницијативата, посветеноста и истрајноста на градоначалникот, рече министерот за локална самоуправа Златко Перински, во своето вечерашно гостување во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма. Според него, постои и законска можност за меѓуопштинската соработка, механизам со кој може да се надмине дефицитот на ресурси на помалите општини, да се формираат заеднички јавни претпријатија или заеднички служби.

Објавено на

часот

Сподели

„Имаме десетина примери на локални самоуправи коишто беспрекорно добро се менаџираат, беспрекорно добро функционираат, беспрекорно добро ги извршуваат изворните надлежности и имаат нула денари долгови. А, имаме и спротивни примери, кои десетина години не издале ниту едно даночно решение, десетина години наназад се блокирани и најчесто тие примери се секогаш исти и се повторуваат. Затоа ние велевме и на почетокот, погрешната политика на минатата Влада во дел на супституирање на загуби, само генерира неработење“, посочи Перински.

Во емисијата, тој се осврна и на актуелните измени на Законот за локална самоуправа и повтори дека главната иницијација за отворање на законот и негово менување, меѓу другото, е и можноста за воведување референдумски отповик на градоначалник, бидејќи сега само градоначалниците се единствени функционери кои од кога граѓаните ќе ги изберат веќе имаат загарантирано четиригодишен мандат.

„Јас лично сметам и во Владата сметаме дека никој не треба да го ужива овој комодитет. Во делот на комуналните редари, не само за Скопје, туку и во останатите градови, насушно е потребна комунална редарска служба со зголемени ингеренции, за да може да превенира пред сè девијантни однесувања, но и да казнува. Иако, репресивната политика на ниту една Влада не ѝ е омилена, едноставно не можеме да не одговориме на потребите на граѓаните и на потребите на нашите опкружувања“, додаде Перински, кој повторно ја потврди својата амбиција за кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Независно кој и да биде конечниот кандидат, актуелниот министер најави дека неговата матична партија во изборната програма за претстојните локални избори ќе понуди програма со системски издржливи целосни решенија коишто ќе одговорат пред сè на основните проблеми со коишто сега се соочуваат жителите на главниот град.

„Нас нѐ тишти основата, базата. Ние немаме развој, туку треба да ја надминеме базата. За четиригодишен мандат ќе имате понудено решение за сите тие проблеми, во делот на загадување, во делот на јавен транспорт, во дел на зеленило, во дел на одлагање на отпад, во дел на паркиралишта…“, најави министерот Перински.

За градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, чие име, исто така, се споменува како кандидат за градоначалник на Скопје, Перински рече дека се согласува оти е добар градоначалник на Кисела Вода.

„Каква и да биде одлуката и јас и тој едногласно ќе се сложиме и ќе ја поддржиме и ќе застанеме позади неа“, подвлече министерот за локална самоуправа.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ