сабота, 27 јули 2024
На самитот Украина – Југоисточна Европа

Пендаровски во Тирана му искажа поддршка на Зеленски

И натаму ќе ја пружаме нашата непоколеблива поддршка сѐ додека не се постигне мировен договор, кој ќе ги одразува желбите на народот на Украина, рече денеска претседателот на Македонија, Стево Пендаровски во Тирана, каде се одржува Самитот Украина – Југоисточна Европа.

Објавено на

часот

Сподели

„На самитот Украина – Југоисточна Европа во Тирана, на кој домаќин е албанскиот премиер Еди Рама, а ко-домаќин е украинскиот претседател Володимир Зеленски, учествував заедно со претседателите на Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, претседателките на Косово и на Молдавија, Вјоса Османи Садриу и Маја Санду, премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто“, информира Пендаровски.

„Искажувам целосна поддршка за Украина слободно да го избере својот пат за иднината. Ако овој пат значи Европската Унија и НАТО, тогаш ние, без сомнение, сме со нив. Ние секогаш стоиме покрај Украина и го поддржуваме нивниот избор“, рече Пендаровски.

Неодамнешната одлука на Советот на ЕУ да обезбеди помош од 50 милијарди евра, како и изгледите за обезбедување на околу 90 милијарди долари од страна на американскиот Конгрес, се сметаат за соодветен правец на дејствување. Македонија беше меѓу првите нации што ѝ пружи воена, техничка и хуманитарна помош на Украина. Досега имаме испорачано 12 пакети помош, со вкупна вредност од 60 милиони евра, истакна претседателот Стево Пендаровски, во обраќањето на пленарната сесија.

Пендаровски нагласи дека заедно со НАТО сојузниците и со истомислениците, Македонија ќе продолжи да се спротивставува на нападот врз независноста на Украина, барајќи одговорност за сите извршени злосторства со цел да се обезбеди правда за жртвите и нивните семејства.

„Денес од Тирана, мора да ветиме дека и натаму ќе ја пружаме нашата непоколеблива поддршка, сѐ додека не се постигне мировен договор, кој ќе ги одрази аспирациите на украинскиот народ. Покрај тоа, подготвени сме да ја поддржиме Украина во слободното исцртување на нејзиниот иден курс, вклучително и нејзината желба за интеграција во Европската Унија и во НАТО, порача претседателот.

Тој истакна дека веќе една деценија, херојскиот украински народ е доказ за огромна жртва, издржливост и непоколеблива верба во победата на доброто над злото.

„Мора да разбереме дека, всушност, борбата за слобода на Украина се води во име на целиот демократски и цивилизиран свет. Во овој критичен момент, влогот за сите нас е огромен и ги надминува географските граници, одекнувајќи секаде каде што постојат мирни демократски општества“, рече претседателот.

Успехот на украинските вооружени сили, оцени Пендаровски, не зависи само од нивната решителност и храброст да се спротивстават на агресорот, туку и од многу потребната финансиска, логистичка и воена поддршка што ја даваат пријателските народи.

„Наспроти загриженоста за исходот од изборите во САД и ЕУ, како и можните последици од настаните во Украина, треба да ни биде јасно дека ниту една одлука, спротивна на волјата на украинскиот народ, нема да ги постави темелите за мир. Ваквите дејствија само би служеле за озаконување на насилството и свирепите дејствија извршени во претходните години. Анексијата на Крим пред една деценија треба да послужи за сите нас како суров потсетник: олеснувањето не успеа да го запре конфликтот – наместо тоа, ја охрабри Русија да ги повтори своите агресивни модели на дејствување во источна Украина“, заклучи Пендаровски во своето обраќање на пленарната сесија на Самитот Украина – Југоисточна Европа во Тирана.

Со оглед на претстојните избори во Македонија, посетата на Тирана е една од последните на Пендаровски во овој мандат.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ