понеделник, 15 април 2024

Пендаровски: Турската заедница дава уникатен придонес кон развојот на заедничката македонска татковина

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 21 декември – Денот на наставата на турски јазик, упати честитка до припадниците на турската заедница во Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

„Дозволете да ви го честитам 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик. Една од првите одлуки на асномска Македонија била да се овозможи настава на мајчин јазик за повеќе заедници, вклучително и за турската. На денешен ден, во 1944 година започнала наставата на турски јазик во скопското училиште „Тефејуз“ со што е ослободен потенцијалот на заедницата, чувајќи го својот идентитет и развивајќи ја својата култура, да придонесува кон општото добро, пишува Пендаровски во честитката.

Корените на денешниов празник, како што посочува претседателот,  ѝ претходат не само на современата македонска држава, туку и на современата турска држава. Годинава се одбележуваат 100-годишнината од основањето на Република Турција и 95-годишнината од јазичните реформи и воведувањето на новата турска азбука што за кратко време довеле до масовно описменување.

„Турската заедница дава уникатен придонес кон изградбата и кон развојот на нашата заедничка македонска татковина и збогатувањето на соживотот во македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. И покрај предизвиците во образованието и во другите области, претставниците на турската заедница даваат голем придонес во секоја сфера, во просветата, здравството, уметноста и спортот. Затоа, државата мора да ги отстрани и последните пречки за нашите сограѓани Турци да можат без никаков проблем да го остваруваат ова основно човеково право на образование“, нагласува Пендаровски.

Шефот на државата посочува дека освен што со својата лојалност придонесува кон македонската татковина, турската заедница е и силна врска со братска и пријателска Турција. А плодови на тоа пријателство, како што истакнува Пендаровски, се одличните билатерални односи и заемната поддршка, многубројните инвестиции, заедничките проекти, донациите за образованието, науката, здравството и културата. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ