сабота, 27 јули 2024
Од митингот во Кисела Вода

Пендаровски: Сиљановска нема програма, а случајот со новинарот Салиу е потврда како ВМРО-ДПМНЕ сака да владее

Македонските граѓани ја препознаваат вистинската опција за прогрес на сите нас кои живееме во оваа држава, рече претседателскиот кандидат Стево Пендаровски на митинг во Општина Кисела Вода. За ВМРО-ДПМНЕ рече дека сакаат да влаеат на истиот начин како порано за што потврда, како што нагласи, е случајот со новинарот Фуркан Салиу кој бил на задача, а е уапсен од сецијална единица „пет на еден, десет на еден“. За противкандидатката Гордана Сиљановска Давкова рече дека е евидентно оти нема програма.

Објавено на

часот

Сподели

„Македонските граѓани ја препознаваат вистинската опција за прогрес на сите нас кои живееме во оваа држава. Ние, оваа политичка структура од која јас сум дел еве 15 години, ја внесовме Македонија во НАТО Алијансата што е чин еднаков на референдумот за независност. Не е мала работа држава од 1.8 милиони луѓе да биде на иста маса со една Америка, Германија, Франција, Канада, со најмоќните на светот и да има заеднички консултации при каков било обид за дестабилизација, при каква било безбедносна криза“ истакна Пендаровски.

Во своето обраќање, Пендаровски се осврна и на последните случувања околу апсењето на новинарот Фуркан Салиу, што според него само покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ и ден денеска нема никаква промена.

„Тие се подготвуваат ако ја добијат власта на 8 мај повторно да завладеат на истиот начин. Вчера имате случај со новинарот Фуркан Салиу, јасно е дека не постои демократска држава во која вие со специјална единица пет на еден, десет на еден, апсите новинар кој бил на задача. Разликата меѓу нас и нив е јасна, ние никогаш не сме помислиле да организираме насилен упад во парламентот. Зошто? За да спречиме мирна транзиција на власта кон оние која добиле довербата на граѓаните. ние никогаш не сме помислиле по телефони ни премиерот ни претседателот, никој од нас по телефон да диктираме пресуди за наши политички противници. Нема да чуете дека некој рекол во понеделник апсиме, а во среда треба да добие 8 или 15 години робија тоа го правеа тие луѓе и истите луѓе ќе го прават и повторно после осми ако бидат во позиција тоа да го прават. Тие наместо да се извинат на целокупниот македонски народ и македонски граѓани, тие велат ќе ги амнестираме насилниците кои за малку не убија во парламентот неколкумина од нашите колеги пратеници, амнестија нудат за тие луѓе“, истакна Пендаровски

Одговарајќи на прашање од присутните, тој рече дека ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема ништо спектакуларно во тоа политичар да каже дека не крадел, Пендаровски одговори дека во ВМРО-ДПМНЕ чесноста е исклучок, а правило е криминалот.

„Таа изјава е нормална за мене, а не е за него (Мицкоски) затоа што јас не крадам“, порача Пендаровски.

Запрашан за коментар за програмата на Гордана Сиљановска-Давкова, Пендаровски оцени дека таа сè уште нема програма.

„Знаете која е разликата меѓу мојата и нејзината програма? Нејзината програма е невидлива, ја нема. Еве отидете на нејзината веб-страница и кажете ми дали нејзината програма, еве пет дена од кампањата е воопшто објавена? Мојата е објавена и видлива, нејзината е невидлива“, порача кандидатот Пендаровски пред граѓани во Кисела Вода.

По митингот во Кисела Вода Пендаровски одржа митинг и во Општина Аеродром. На митингот говореше и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

„Стево е граѓански кандидат, поддржан од граѓани, партии, здруженија. Стево не е претседател под контра на партија ниту нечија продолжена рака како што е Сиљановска. Стево е кандидат на граѓаните“, порача Ковачевски од Аеродром.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ