понеделник, 26 февруари 2024

Пендаровски пред дипломатскиот кор: Државата мора да остане на патот на европските интеграции

Претседателот на државата Стево Пендаровски се обрати на традиционалниот годишен прием што за претставниците на дипломатскиот кор, акредитирани во Македонија, го приреди вчеравечер во Скопје. Пендаровски, во обраќањето, како што информираат од неговиот kабинет, порача дека зад нас е година исполнета со бројни активности и заложби за унапредување на односите меѓу Македонија и државите коишто ги претставувате и им изразил особена благодарност за нивниот ангажман и придонес.

Објавено на

часот

Сподели

„Ме радува што во изминатиот период го задржавме интензитетот на контактите и партнерските односи додека разговаравме за различни аспекти од билатералната и мултилатералната соработка, европската интеграција, стабилноста и безбедноста во регионот и пошироко, реформите и политичките случувања кај нас. Во последната година од овој мој мандат како претседател имав можност да реализирам значајни посети во повеќе држави меѓу кои, Кралството Белгија, Чешката Република, Обединетите Арапски Емирати и да остварам бројни средби со мои колеги, претседатели, на маргините на различни меѓународни настани, но и да бидам домаќин на претседателите на Унгарија, на Словенија и на Косово“, порачал Пендаровски.

Изминатата година, Скопје, преку завршниот министерски состанок на ОБСЕ, самитот на претседатели на држави на Брдо-Бриони процесот, министерскиот состанок на Јадранската повелба, Струга преку Преспа-форумот за дијалог и Охрид како домаќин на дијалогот Белград ─ Приштина, беа центри каде што се дискутираа и носеа важни одлуки не само за регионот, туку и за европскиот континент. Ова за нас, како мала држава е навистина од особено значење.

„Како претседател на држава којашто се наоѓа во турбулентен регион, во изминативе, безмалку пет години настојував да водам балансирана, транспарентна и предвидлива надворешна политика, во интерес на мирот и безбедноста, добрососедството, стабилноста, просперитетот и заедничките вредности коишто ги споделуваме со демократските земји. Европската интеграција на Северна Македонија и на Западниот Балкан, постојано беа во центарот на моите заложби и на заложбите на мојот тим најблиски соработници. Во тоа верувам уште од почетоците на мојот јавен ангажман и ќе продолжам да се залагам за таа идеја до нејзината целосна реализација“, порачал Пендаровски.

Зборувајќи за европската интеграција во мојот мандат, работата не ја дозавршивме, бидејќи по направените компромиси коишто не беа на штета на македонските национални интереси, ги почнавме преговорите по долги 17 години чекање со статусот на кандидат, но внатре во државата и покрај јасно исцртаниот пат и отворената врата, не успеавме да ги усвоиме уставните амандмани, со што, по успешно завршениот скрининг, ќе можевме да го продолжиме процесот со втората меѓувладина конференција.

„Сепак, по долги години со замрзнат статус, направивме крупен чекор напред и дојдовме во фаза во којашто прогресот во интеграциите сега зависи само од нас, а не од некој надворешен фактор. Во оваа смисла, целокупниот процес на интеграции покажа дека во тој потфат не сме сами, затоа што изградивме цврсти партнерски односи со безмалку сите земји членки на Унијата, коишто ќе бидат повеќе од потребни во периодот којшто ќе следи и коишто ќе бидат гаранција дека интеграциите ќе се одвиваат во европски манир, без поставување препреки и измислување критериуми коишто немаат ништо заедничко, ниту со преговорите, ниту пак со европските вредности. Истовремено, сиот овој период на неизвесност, исполнет често со непринципиелни барања и напади врз нашите идентитетски атрибути, доведе до значителен пад на поддршката за европската интеграција, пред сè, меѓу Македонците, што треба да нè загрижува не само нас, туку и државите коишто веруваат во проширувањето на Унијата и го сметаат за клучен влог во безбедноста и просперитетот на континентот“, нагласил Пендаровски.

Имајќи го ова предвид, Пендаровски, посочил дека продолжува да верува дека нашата иднина ќе биде многу попредвидлива како членка на Унијата, отколку да сме сами или да правиме обиди за интегрирање во некои други форми коишто немаат допирна точка со демократските вредности.

„Затоа сакам да го реафирмирам мојот став дека државата мора да остане на патот на европските интеграции и градењето на добрососедски односи, без оглед на тоа кој ќе биде во извршната власт по изборите во мај оваа година. Истото се однесува и на мојата визија за регионот на Западниот Балкан, којашто од првиот ден на мојот мандат беше и остана дијаметрално спротивна на идеите за промена на границите, размена на територии, концептите за големи држави, или вакви или онакви светови. Западниот Балкан, интегриран во ЕУ ќе биде безбеден, економски просперитетен и отпорен на злонамерни влијанија и тоа треба да биде приоритет за секој одговорен политичар, пред сè, кај нас, но, и во Брисел“, порачал Пендаровски пред дипломатскиот кор во земјава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ