сабота, 27 јули 2024

Пендаровски: Потписите за Силјановска Давкова завршија во ѓубре, ВМРО-ДПМНЕ: Тој озборува

„Доставувањето пратенички потписи покажа две работи – Силјановска Давкова не е натпартиски кандидат, туку единствено кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и дека Давкова и ВМРО-ДПМНЕ излажаа десетици илјадници граѓани кои со часови чекаа да се потпишат, а нивните потписи наместо за поддршка на кандидатурата, отидоа во ѓубре“, соопштија од штабот на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Од ВМРО-ДПМНЕ реплицираат: „Му препорачуваме на Пендаровски барем во неговите последни денови од мандатот да ја напушти неговата најсилна карактеристика – озборување и пласирање на невистини во јавноста“.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

„Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ е единствениот кандидат за претседател на државата, кој наместо потребните граѓански потписи до Државната изборна комисија со својата кандидатура достави потписи од пратеници. Пред само две недели ВМРО-ДПМНЕ се фалеше дека за Гордана Силјановска Давкова се потпишале најмногу граѓани, се споменуваа бројки од 20.000, 25.000 потписи па и повеќе.

Но на крајот, кандидатурата на Силјановска Давкова беше поткрепена само со триесеттина потписи на пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Зошто Давкова и Силјановска се одлучија за ваков потег? Дали на денот на собирање на потписите излажаа за вкупниот број на собрани потписи? Дали на списоците можеби имало преклопување на одреден број потписи, едните депонирани во нотарски канцеларии а другите во подрачни одделенија на ДИК? На крајот, дали конечниот број на потписи не само што не е драстично поголем, туку и е помал од бројот на собрани потписи од страна на Стево Пендаровски? Одговор за ова треба да дадат Гордана Силјановска Давкова и ВМРО- ДПМНЕ“, се вели во соопштението од тимот на претседателскиот кандидат Пендаровски.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат преку соопштение:

„Пендаровски само озборува и пласира невистини, поднесувањето на кандидатурата е технички процес, Силјановска Давкова имаше историски најголем одзив и поддршка од граѓаните.  Свесни сме за интенцијата на Пендаровски и СДС да продолжат со креирање на теми кои се надвор од реалноста и ова е уште доказ за нивната единствена желба да го затскријат својот неуспех и пораз кои ги очекува.

Поднесувањето на кандидатурата е технички процес, професорката Силјановска Давкова имаше историски најголем одзив од граѓаните при собирањето на потписите за нејзината кандидатура и тоа е она што е најголема болка за Пендаровски и СДС.
Поддршка од граѓаните е јасна и недвосмислена, а СДС и Пендаровски во истата ќе се уверат на 24 Април и 8 Мај.

Му препорачуваме на Пендаровски барем во неговите последни денови од мандатот да ја напушти неговата најсилна карактеристика – озборување и пласирање на невистини во јавноста“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ