сабота, 27 јули 2024
Претседателот ја врачи Големата награда за архитектура

Пендаровски: Незапирлив е творечкиот порив на архитетите

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски синоќа ја врачи Големата годишна награда за архитектура за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2023 година на авторите Миа Шириќ, Дејан Секуловски, Илија Божиновски и соработниците Саше Нешиќ и Катина Сутоглу од Студио синдикат за проектот Изложбено-дистрибутивен центар со магацин Балканија, Визбегово – Скопје. Големата годишна награда ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, под покровителство на претседателот Пендаровски.

Објавено на

часот

Сподели

На почетокот од своето обраќање Пендаровски потсети дека пред десет дена, во просториите на претседателскиот кабинет, само неколку месеци по Венеција, во рамките на 18. интернационална изложба на архитектура, и на македонската јавност ѝ беше претставена изложбата „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992 – 2017“.

„Тоа беше убава можност преку македонскиот претставник на реномираното архитектонско биенале во Венеција, да се проговори за македонската архитектура и за нејзината поставеност кон светот. Имајќи предвид дека самата изложба во себе го содржи светогледот на учесниците на летната школа, кога биле на почетоците на својот професионален пат, и тоа во период од две и пол децении, можевме да посведочиме за раскошот од идеи и визии, но и знаења и вештини низ годините“, рече претседателот.

За жал, нагласи, не сите проекти стасуваат до реализација. Честопати, општествениот контекст, финансиските лимити, парохијалната тесноградост и политичките интервенции, се препреки за креативноста на архитектите.

„Се разбира, идеите го наоѓаат својот пат до целта, затоа што тешко се сопира творечкиот порив на архитектите како вонвременски творци и неимари. Од разговорите со авторите и гостите, понови и постари генерации архитекти, професори и студенти, за време на настанот кој го споменав, недвосмислен беше впечатокот дека имаме огромен потенцијал кој не смее да остане маргинализиран.

Вие подобро од мене знаете дека поседуваме традиционална архитектура на која се восхитувал и големиот Корбизје, имаме брилјантни мајстори како Андреа Дамјанов, а, пред само неколку децении, во времето на поранешна Југославија, егзистираа неколку македонски градежни гиганти кои изградија велелепни објекти на сите континенти. Сево ова е само потврда повеќе дека поседуваме фундаменти кои ни овозможуваат да му го откриеме на светот нашиот талент, со кој, излегуваме од рамките на локалното и националното, излегуваме надвор од просечноста’, рече Пендаровски.

Тој оцени дека со доделувањето на Големата годишна награда, каде што се презентираат највредните архитектонските остварувања во тековната година, како и со своите останати активности, Асоцијацијата на архитекти придонесува за промоција на македонската архитектура и за соодветно, јавно вреднување на дострелите на македонските архитекти.

„Живееме во комплексни времиња на простор каде што не е лесно да се твори, имајќи предвид дека архитектите чувствуваат притисок од инвеститорите, за жал, некогаш и од носителите на јавни функции, а модерната, бескрупулозна трка за профит го игнорира естетското и хуманото. Во опкружување каде што предност добива инстантното и каде што доминира кичот, предизвикот да се направи успешно и естетско издржано дело кое ќе го издржи тестот на времето е уште потежок“, рече во обраќањето претседателот на Македонија, Стево Пендаровски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ