сабота, 27 јули 2024
Обраќање на шефот на државата

Пендаровски: Двојното убиство го исфрли на површина занемарениот факт дека имаме радикални структури

„Времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава. За жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок. Добар дел од овие напади се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации“, рече претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, поврзувајќи го тоа со убиствата на девојчето Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Објавено на

часот

Сподели

„Неодамнешниот трагичен настан, кој заврши со двојно грозоморно убиство, на површина го извлече занемарениот факт дека дел од овие радикални структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза може да резултираат со трагични последици. Затоа сметам дека првенствена задача на сите демократски политички структури е јакнење на отпорноста на институциите и континуирана борба против екстремистите, без дневнополитички калкулации“, рече Пендаровски синоќа во обраќањето на конференцијата по повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Тој се осврна на напредокот во почитувањето на човековите права во светот по Втората светска војна и по Студената војна, но оцени дека денес состојбите се компликуваат.

д

„Се наоѓаме во ситуација кога на многу места на планетата на човековите права се гледа или како на пречка за остварување на одново појавените империјалистички амбиции или за нив се зборува со неразбирлив цинизам и тоа токму од генерациите кои ја имаат привилегијата да живеат во општества без страв дека ќе бидат дискриминирани поради своето потекло или идентитет. Епохата на глобалното демократско назадување низ која проаѓаме како своја прва жртва ги има човековите права и слободи како на национално, така и на меѓународно ниво. И покрај тоа што на регионално и глобално ниво постојат повеќе меѓународни организации чија што примарна надлежност е, меѓу другото, заштитата на човековите права, како што се Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ, но и судски институции како Меѓународниот кривичен трибунал со надлежност да ги гони најтешките прекршувања на човековите права, се чини дека времето на глобалниот консензус за човековите права е зад нас, а надоаѓа една нова ера на војни, репресија и авторитарни режими“, рече Пендаровски додаде дека историското искуство нè учи дека напредокот и благосостојбата на нациите и меѓународниот мир се можни само ако нациите ги почитуваат индивидуалните и колективните човекови права и никако поинаку.

д

Пендаровски оцени дека македонското општество не беше имуно на национализмите на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, но дека сепак, Македонија уште од почетокот на својата независност одлучи дека ќе гради општество на еднакви и слободни граѓани со почитување на индивидуалните и колективните човекови права и слободи.

Според него, Охридскиот рамковен договор од 2001 година постави стандарди за заштита на колективните права на заедниците без оглед на нивната бројност, кои и по повеќе од две децении сè уште се сметаат за исклучителен пример за градење на мултикултурна демократија не само во регионот, туку и во Европа. 

Пендаровски додаде дека во меѓувреме и се унапредил Рамковниот договор посочувајќи го Законот за употреба на јазиците со кој се прошири употребата на јазиците на немнозинските заедници, но не на штета на македонскиот јазик и неговиот статус на службен јазик во Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ