сабота, 27 јули 2024
Се заострува кампањата за претседател на државата

Пендаровски до Сиљановска Давкова: Или си, или не си претседател

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска на средба со граѓаните на Демир Капија се осврнал на тоа дека неговата противкандидатка Гордана Сиљановска Давкова „отсуствува од закажани митинзи и средби со граѓани во сопствената кампања за претседател на државата“, соопштија од тимот за комуникации на Пендаровски.

Објавено на

часот

Сподели

„Пред ден, два била најавена противкандидатката, дали дошла? Не дошла.Каде што ќе видите дека Стево Пендаровски е најавено да дојде, јас навистина доаѓам, а наместо противкандидатката доаѓаат други. Не одлучува никој за мене, ниту толкува“ порача Пендаровски.

Пендаровски истакна дека таквото бегање од соочување со граѓаните не доликува на некој кој претендира за највисоката функција во државата.

„Ние сме сега влезени во трка формално за највисока функција во државата. Според Устав претседателот на државата е и врховен командант на вооружени сили. Тоа значи нема повисоко од тебе. Кога ти уште во кампања носиш други луѓе да зборуваат наместо тебе, па како утре ќе бидеш претседател? Еве ти даваме власт, ти даваме позиција, тие двајца што дошле да зборат, тие ли ќе бидат претседатели во сенка? А, ти само ќе бидеш кукла или во излог ставен и ќе викаш ‘јас сум претседател ама што викаат слика има, тон нема’. Не сакам да шпекулирам за мотивите, ама јасно ми е. Тоа е исто како јас да кажам дека имам неколку другари овде и соработници кои се со мене со години и да речам сега ‘за ова прашање, момент тој ќе ти одговори’. Не ја бива таа работа. Или си претседател или не си,“ рече Пендаровски пред граѓаните на Демир Капија.

Пендаровски денеска оствари средби и со граѓаните на Росоман, Градско и Неготино.

Тој посочи дека во изминатите години како претседател на државата не се однесувал дискриминаторски кон ниеден граѓанин, додавајќи оти тој заедно со актуелната владејачка гарнитура, работел за подобар животен стандард на сите граѓани.

Осврнувајќи се на понудата од опозицијата, Пендаровски истакна дека во опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена, оти тоа е партија каде уште е присутна истата матрица на Никола Груевски.

„Тие не се извинија за 27 април и за тепањето на пратеници. Напротив, тие сега сакаат да ги амнестираат. Без усул и достоинство се овие луѓе. Ова се ‘децата’ на Никола Груевски и Македонија ја разбираат како акционерско друштво“, истакна тој.

Пендаровски ги повика граѓаните на 24 април да гласаат за бројот еден.

„На 24 април гласајте за бројот еден и на гласачкото ливче, но и во реалниот живот“, нагласи Пендаровски.

Тој вечерва од Неготино одговори на прозивката од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски за идните планови.

,,На почетокот на мандатот, претходната кампања и пред вас и пред цела држава сум го кажал тоа дека по завршување на мојот мандат нема да ги користам привилегиите кои мми следуваат по закон. Меѓутоа, интересно е што тој човек го покренува тоа прашање. Тој човек, не знам кој знае, кој не знае, од своите рани дваесетти години или партијата или државата го финансира, буквално така. Значи тој е на јаслите на државата и на партијата од време кога бил во Унија на млади сили. Никогаш самиот нема ништо сработено и заработено во животот. Јас имам професија пред да станам претседател, кога ќе ми заврши мандатот ќе се вратам на таа професија. Но, таа одлука ќе ја донесам во 2029 година” порача Пендаровски од Неготино.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ