сабота, 27 јули 2024
Македонскиот претседател во работна посета на Белгија

Пендаровски: Благодарни сме на Белгија за доследната и постојана поддршка на македонските европски интеграции

Објавено на

часот

Сподели

На средбата со белгискиот премиер, биле констатирани пријателството и партнерството меѓу двете држави, а во фокусот на разговорите биле билатералните односи, македонската евроинтеграција, економската соработка, како и политичките и економски текови во Европа, соопшти Кабинетот на шефот на државата.

Претседателот Пендаровски го поздрави позитивниот тренд на зајакнување на политичкиот дијалог меѓу двете земји и оцени дека честите размени на посети на високо ниво дополнително ќе ја продлабочат политичката доверба, а ќе го поттикнат и економскиот развој. Пендаровски и Де Кро изразија задоволство од унапредувањето на економската соработка меѓу двете земји и зголемувањето на белгиските инвестиции во Северна Македонија.

Претседателот изрази благодарност до белгискиот премиер за доследната и постојана поддршка на македонските европски интеграции и политиката на проширување на ЕУ, како процес од стратешко значење за регионот. Во тој контекст, беа разменети мислења и ставови за претстојното белгиското претседавање со Европската Унија во првата половина на 2024 година.

На средбата се разговараше и за стабилноста и безбедноста на европскиот континент, при што беше посочена важноста на партнерството во НАТО во справувањето со геополитичките предизвици наметнати од војната во Украина.

Во рамки на работната посета на Белгија, Пендаровски оствари средба и со претседателката на Домот на претставниците на белгискиот Парламент, Елијан Тилје.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, на средбата се разговарало за билатералните односи меѓу двете земји, кои од воспоставувањето на дипломатските односи се цврсто поставени со позитивна развојна динамика, а биле разгледани и прашања поврзани со искористување на потенцијалот за збогатување на меѓупарламентарната соработка.

На средбата биле разменети мислења и за перспективите на билатералната и на мултилатералната соработка во наредниот период, при што претседателот Пендаровски ја истакнал важноста на белгиската поддршка за европската перспектива на регионот што е во интерес и на стабилноста на Европската Унија.

Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше и аудиенција кај кралот на Белгијците, Филип. 

Двајцата изразиле задоволство од развојот на односите меѓу двете земји што се карактеризираат со цврсто и искрено пријателство, основани на меѓусебна почит и разбирање. Во пресрет на одбележувањето на 30 години од воспоставувањето дипломатски односи беше нагласен интересот за понатамошно унапредување на билатералната соработка. 

Претседателот Пендаровски во разговорот со Кралот на Белгијците, Филип изрази благодарност за досегашната отворена и конструктивна соработка, како и за поддршката за процесот на македонската интеграција во Европската Унија. 

На средбата беше истакнато и сојузништвото во рамките на НАТО како додадена вредност кон заедничкото делување за градење на постабилна и побезбедна Европа.

Во државната делегација освен претседателот беа и министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски кои најавија нова белгиска инвестиција во Македонија.

Станува збор за белгиската компанија МСИЕ, која во првата фаза планира да вложи над пет милиони евра и да отвори околу 150 работни места. 

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека преговорите со компанијата се завршени доцна вчера и се очекува договорот да биде потпишан за околу еден месец.

Компанијата ги разгледува општините Петровец и Илинден како можни опции за изградба на производствениот капацитет за производство на соларни филмови. 

Новата инвестиција, како што најави Бектеши, најверојатно ќе оди преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

„Како Влада ќе продолжиме со ваквите посети со цел да ги презентираме можностите за инвестирање што ги нудиме како држава. Веќе е стабилизирана ситуацијата со енергетската криза и во периодот што следи главниот фокус ќе биде да се привлечат повеќе странски инвестиции и тоа инвестиции кои ќе нудат повеќе работни места за граѓаните и кои ќе донесат нови технологии и вештини“, изјави Бектеши.

Според директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски, на двата бизнис форума организирани во Брисел и Антверпен има интерес од белгиските компании кои особено се интересираат за достапноста на висококвалификуваната работна сила, усогласувањето на домашното законодавство со европското и за политичката стабилност во регионот.

„Очекувам дека по средбите во Белгија ќе имаме неколку компании со кои ќе ги продолжиме разговорите во наредните неколку месеци. Очекувам дека и презентираното позитивно искуство на „Ванхол“ и ЕБЕЕ ќе поттикнеме интерес за дополнително вложување“, рече Деспотовски.

Со вчерашната инвестиција на белгиската компанија „ABEE“ во рамки на зоните вкупниот обем на склучени инвестиции е близу 300 милиони евра со предвидени пет илјади работни места.

„Ако минатата година беше рекордна по обемот на инвестиции и достигнавме некаде околу 450 милиони евра, мислам дека годинава ако сега сме на 300 милиони евра верувам дека сме на добар пат да ја надминеме оваа бројка и да одиме погоре“, рече Деспотовски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ