сабота, 27 јули 2024
Претседателскиот кандидат од Ѓорче Петров

Пендаровски: Ако Мицкоски се чувствува како наследник на Михајлов, се чувствува како Бугарин

Христијан Мицкоски вели дека Ванчо Михајлов бил претседател на историското ВМРО – тоа е на денешното ВМРО. Тоа било исто. Ако тој се чувствува, како што се чувствувал Ванчо Михајлов, како негов наследник, значи и тој е етнички Бугарин. Вака претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вечерва во Ѓорче Петров одговори на прашањето за тврдењата од ВМРО-ДПМНЕ дека тој изјавил оти Гоце Делчев бил Бугарин и нагласи дека постојано од тој штаб се лансираат невистини. Пендаровски рече и дека на Мицкоски ќе му каже кој од неговата партија барал прием кај него и зошто.

Објавено на

часот

Сподели

„Успеавме да склучиме договори и да решиме децениски проблем со нашиот јужен сосед. Влеговме во НАТО, најмоќната воена организација и добивме гаранција за безбедноста. Ги почнавме преговорите со ЕУ и притоа не го изгубивме нашиот идентитет, си го зачувавме јазикот“, рече Пендаровски и додаде дека внатрешните кочничари, главната опозициска партија, од неразбирливи причини сака да ги укине сите договори, да дојде на власт и на народот да му продава магла.

Од граѓани Пендаровски беше прашан за коментар во однос на тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека изјавил дека Гоце Делчев е Бугарин, на што одговори дека пак опозицијата лаже.

„Не паметам во последните 20 години дека првите луѓе на таа политичка партија кажале барем еднаш вистина. Значи дали некој се чувствува како Бугарин или како Македонец, тоа е лично чувство и во тоа не се задира. Меѓутоа кој како се декларирал. Тоа можеме да го видиме од бројните барања во нивното раководство каде што повеќе од половината во нивниот извршен комитет имаат бугарски пасоши и државјанства и таму пишуваат дека се од дедо и прадедо Бугари. Значи за што сакаат да зборуваме? За тоа дека половина Извршен комитет му се Бугари, затоа што се декларирани како такви или за тоа што се случило пред 120 години? Ако тие негови најблиски соработници во 2024 година или 2020 година се декларираат како Бугари, што очекуваме во време кога не постоела македонска држава, кога ние не сме можеле слободно да ја изразиме нашата волја? Македонската јавност треба да знае дека претседателот на главната опозициона партија се смета себеси за наследник на Ванчо Михајлов. Да повторам уште еднаш – значи Христијан Мицкоски вели дека Ванчо Михајлов бил претседател на историското ВМРО – тоа е на денешното ВМРО. Тоа било исто. Ако тој се чувствува, како што се чувствувал Ванчо Михајлов, како наследник негов, значи и тој е етнички Бугарин“, одговори Пендаровски.

Во однос на изјава на главната негова опонентка, Силјановска Давкова дека не го познава како студент, Пендаровски одговори дека не ја познава ниту тој од Правниот факултет.

„Само еден семестар нејзиниот сопруг беше помлад асистент. Бидејќи нејзиниот сопруг не ги исполни академските критериуми за унапредување, го поставија неколку месеци за библиотекар на Правниот факултет. Потоа тој го напушти комплетно факултетот, се посвети на приватниот бизнис, му дадоа фри шоп на српска граница и станаа мултимилионери“ нагласи Пендаровски.

На собир во Гази Баба пак, Пендаровски беше запрашан дали во неговиот кабинет имало тајни преговори за амнестија на политичари.

„Ако Мицкоски тврди дека имало тајни средби треба и да приложи барем еден доказ, а не да прераскажува чаршиски муабети. Тајни средби кај мене немало. Но, ако приложи доказ, а ви тврдам дека дека такво нешто не постои, тогаш ќе му кажам кој сè барал прием кај мене. Ќе му кажам со датуми, имиња и презимиња, затоа што станува збор за неговите најблиски соработници од извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. И ако го интересира можам да му кажам што бараа од мене. Некои од нив се и меѓу највисоките носители на пратенички листи. Значи, прво нека ми даде доказ за ова па ќе влеземе во дебата. И ако е мераклија можам и за ова да му кажам датум, имиња и презимиња, најблиските негови соработници пред 2 ипол години бараа прием кај мене, беа примени, јас ќе му кажам што точно разговаравме“, рече Пендаровски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ