петок, 27 декември 2024

Пеленица – жешка екоточка што ги загадува почвата и воздухот

Огромни количества пестицидот линдан се депонирани во кругот на фабриката ОХИС и чекаат да бидат извезени во странство и уништени. Околу 40 илјади тони линдан и контаминирана почва се наоѓаат и во месноста Пеленица над Драчево. Испитувањата направени со повеќе дупнатини и земените проби за потребите на студија, докажаа присуство на хексахлороциклохексан (HCH) во подземните води, кои дренираат во Вардар. Докторите предупредуваат дека линданот е изразито штетен за човекот. Може да навлезе во организмот директно преку кожата и очите, по орален пат, но и по пат на вдишување.

Објавено на

часот

Сподели

Линданот или хексахлороциклохексан (HCH) е пестицид од групата на органохлорни пестициди. Тој е токсичен и е ставен во групата канцерогени супстанции, односно во групата на ПОПс (Persistent organic pollutants) – неразградливи органски загадувачи. Екстремно токсичен пестицид, кој до пред дваесетина години имал широка употреба во земјоделието (кај семенскиот материјал, за третирање на почвата, прскање, заштита на дрвената граѓа и против ектопаразити кај животните и луѓето). Од 1965 година се произведувал во хемиската фабрика ОХИС, во околината на Скопје, сѐ до 1977 година, кога капацитетите за негово производство се затворени.

Но, и покрај тоа, и денес сѐ уште депонираните огромни количества линдан се наоѓаат во кругот на фабриката и чекаат да бидат транспортирани во некоја од европските држави за да можат во посебна постапка за деактивација да бидат уништени или разградени до нетоксични компоненти.

Почвата во ОХИС е силно контаминирана од историското производство на линдан депониран во двете депонии, во дворот на фабриката. Испитувањата направени со повеќе дупнатини и земените проби за потребите на студијата пред да почне чистењето на малата депонија во ОХИС, како што вели професорот во пензија, Трајче Стафилов, од Институтот по хемија на ПМФ, докажаа присуство на HCH и други хемикалии во подземните води, кои дренираат во Вардар. Како резултат на тоа, вели Стафилов, присуство на линдан е откриено и во реката Вардар пред Велес.

Дополнително е утврдена уште една депонија со ваков отпаден материјал. До пред некоја година не се знаеше каде е точно третата депонија со линдан, но по кажувањата на поранешни вработени на ОХИС, кон крајот на 2018 година, од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) точно ја лоцираа – во месноста викана Пеленица, во близина на Драчево. Линданот на оваа локација, исто така, потекнува од ОХИС, каде што е фрлан пред да се направат големата и малата депонија, бидејќи во тоа време не се знаело дека тој е канцероген и сметале дека е обичен прашок.

Депонијата се наоѓа на ливада на рид, над селата Батинци и Драчево, веднаш лево до патот што води од Драчево кон Горно Количани и до повеќе други села во подножјето на планината Китка. На сто метри десно од депонијата е манастирот „Преполовение Руса Среда“, со повеќе летниковци, каде што се одржуваат собири, а до неа често доаѓаат тие што сакаат да пешачат.

Таму ги најдовме двајцата браќа од населбата Драчево, Петре и Рампо Ристески, кои се одмораа по пешачењето. Ни рекоа дека многу одамна е носен линданот на оваа локација.

– Овде доаѓаме можеби 20 години. Депонијата одамна постои тука, се чувствува мирисот на линдан кога се поминува покрај локацијата, исто како кога се поминува покрај ОХИС, каде што се чисти линданот. Обично мирисот е поинтензивен кога времето е потопло, веројатно нешто испарува. Не знам дали е предвидено да се дислоцира од овде, во ОХИС почнаа, не знам дали и овде ќе го прават истото. Потребни се многу пари  за да се исчисти – ни рекоа браќата Ристески.

За да се спречи изложеност на луѓе и на животни од испарувањата од опасниот отпад, иако депонијата е покриена со земја, од МЖСПП, пред две години, го оградија просторот со метални столпчиња и мрежа, и поставија табла со предупредување да се избегнува, а претходно испрати допис и Министерството за образование и наука да не се организираат училишни екскурзии во Пеленица.

Но, на неколку места мрежата е оштетена и во оградениот простор беа напасувани овци, кози и крави. Вишиот инспектор за животна средина, кој е раководител на Одделението за инспекциски надзор во животната средина – скопски регион, Пејо Кировски вели дека не е пожелно да се напасува добитокот, бидејќи има испарување од линданот и поради тоа воздухот и тревата се контаминирани.

Линданот е перзистентна хемикалија, која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанција, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ-честичките. Поранешен инженер во ОХИС се потсетува колку е тој токсичен.

– Линданот одеше како алва, додека не го забранија во Германија, Франција и во Русија. Потоа, кога немавме каде, алфа и бета изомерите, како и делта што е многу опасен, моравме да ги складираме како нус-производи. Гама изомерот го екстрахиравме со метил алкохол, кој, исто така, е многу токсичен. Кога одевме на работа, ни мирисаше, не само облеката, туку и кожата – вели тој.

Според лекарите, линданот е потентен токсин, кој се користи во земјоделието како пестицид, а порано имал примена и како лек против шуга. Долго се задржува во околината и може да се пренесува во ланецот исхрана на организмите. Научниот соработник д-р Марија Здравеска од ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија вели дека линданот и неговите изомери претставуваат значителна опасност кога се присутни во средината, поради што неговата употреба е строго ограничена или забранета во најголемиот број земји во светот.

– Линданот е изразито штетен за човекот. Може да навлезе во организмот директно преку кожата и очите, по орален пат, но и по пат на вдишување. Се работи за потентен невротоксин, кој може да предизвика низа акутни симптоми, како вртоглавица, гадење, главоболка, конвулзии, дури и смрт. Освен нервниот систем, долготрајната експозиција ги афектира и црниот дроб, бубрезите, крвта, а му се припишува и карциногено дејство. Пренаталната експозиција го афектира развојот на нервниот систем на плодот. При вдишувањето поголеми концентрации, линданот предизвикува локална иритација на лигавицата на носот, грлото и на белите дробови, со надразнителна кашлица, болка во грлото и тешкотии при дишењето и кај здрави индивидуи, а особено кај болни со преегзистентна белодробна болест. Долготрајната изложеност може да биде асоцирана и со појава на белодробен карцином – нагласува д-р Здравеска.

И проф. д-р Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија во Скопје предупредува на опасностите по здравјето. Вели дека линданот внесен во поголеми количества кај човекот може да предизвика тешки нарушувања на работата на централниот нервен систем и опасно да ја компромитира работата на виталните органи и да предизвика тешка здравствена состојба, па дури и смрт.

– Внесуван хронично, во помали количества, со текот на времето може да ја наруши работата на централниот и на периферниот нервен систем, работата на ендокриниот, имунолошкиот систем, има дејство на менталниот развој кај младите и децата, може да ја оштети работата на срцето и на белите дробови. Посебно е опасен кај жените трудници и кај децата – вели Чибишев.

МЖСПП, во 2022 година одвои околу три милиони денари и инвестираше во истражување на локацијата Пеленица за да се утврди дали и колку се контаминирани почвата и подземните води.

– На неколку мерни места на локацијата се констатира дека постои висока концентрација на линдан. На длабочина помала од 20 сантиметри забележан е градежен шут и отпад од фабриката за стакло, а на длабочина од 50 сантиметри има чист отпад од HCH. Не беше постигнато хоризонтално разграничување на контаминираниот површински слој од почва, се претпоставува дека обемот на депонијата под површината е сличен на обемот на контаминираниот површински слој на почва – велат од МЖСПП.

Резултатите од спроведеното истражување се објавени на веб-страницата на МЖСПП и накратко покажуваат загрижувачки факти.

– Претпоставката дека линданот бил фрлен во бетонски базени (саркофази) се покажа како неточна, бидејќи не беа пронајдени базени или друга форма на задржување на HCH-отпадот во текот на спроведеното истражување. Депонијата содржи неколку видови опасен отпад, и тоа чист отпад од HCH е забележан во неколку ровови, се проценува дека има 40.000 тони со уште 6.500 тони на мешан отпад од HCH и отпад од фабрика за стакло. Нема индикации дека се случило значително одлагање на отпадот од HCH во буриња на депонијата. Во повеќе дупнатини и ровови забележан е градежен отпад и отпад од уривање – велат од МЖСПП.

Во проценката на ремедијација на МЖСПП се предложени  три опции (минимална, средна и максимална). Како најдобра опција е оценета минималната опција, која има највисока оценка врз основа на дадените оценки за придобивките за екологијата, трошоците, техничката изводливост, планирањето, проектните ризици и социјалното влијание.

– Со оваа опција се спречуваат/ограничуваат сите еколошки ризици со спречување на миграцијата на загадувачите во и надвор од локацијата. Тоа ќе се постигне со покривање на локацијата, за да се спречи директен контакт со контаминираната површинска почва и да се ограничи идната инфилтрација на дождовните води во локацијата. Контаминираните фреатски подземни води и контаминираните подземни води на аквиферот(ите) ќе се мониторираат за пропишување евентуални ограничувања за користење на фреатските подземни води и водоносните слоеви – велат од МЖСПП.

Подготвија: Светлана Блажевска и Зејнеп Хусеин

Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од страна на Шведска.Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП, Шведска како донатор и на другите партнери во проектот. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ