„Кога зборуваме за мир, мислам дека треба да бидеме реални. „Денес ретко кој сериозен човек во Европа верува дека мирот може да се постигне без делумни територијални загуби на Украина“, изјави Пелегрини за ТВ СТВР.
Тој додаде дека неговото мислење се базира на состојбата на теренот и информациите што ги добива секој ден.
Словачкиот претседател се надева дека сите инволвирани страни наскоро ќе седнат на преговарачка маса и ги повика тоа да го сторат што е можно поскоро.
Во контекст на потенцијалниот развој на руско-украинскиот конфликт и севкупната геополитичка ситуација, Пелегрини ја коментираше и најавената посета на словачкиот премиер Роберт Фицо на Москва, по повод прославата на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.
„Ќе видиме под кои околности тоа патување ќе се реализира. Ако тој отиде таму, јас тоа го гледам пред сè како оддавање почит на милионите жртви што тогашниот Советски Сојуз ги даде и за слободата на Словачка, а не како поддршка за сегашниот режим“, рече тој.
Кога станува збор за одењето на парламентарна делегација во руската Дума, кое е закажано за почетокот на годинава, Пелегрини смета дека тоа е бескорисен гест, кој нема ништо да ѝ донесе на Словачка.