сабота, 27 јули 2024

Пекинг ја предупреди Манила да не направи „погрешна проценка“

Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји им порача на Филипините дека сериозните проблеми што ги имаат околу Јужното Кинеско Море двете земји треба да ги решат преку дијалог и предупреди дека секоја погрешна проценка ќе предизвика Пекинг да се брани и „одлучно да одговори“, пренесува Ројтерс.

Објавено на

часот

Сподели

„Односите меѓу Кина и Филипини се на раскрсница“, му рече Ванг на својот филипински колега Енрике Манало во телефонски разговор, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.

„Главниот приоритет е правилно управување и контрола на моменталната поморска ситуација“, рече Ванг, додавајќи дека ако Филипините погрешно проценат или се здружат со „злонамерни“ надворешни сили, Кина ќе ги брани своите права и ќе одговори одлучно. Филипинскиот министер за надворешни работи Манало рече дека имал искрен и отворен разговор со својот кинески колега, додавајќи дека и двајцата „укажале на важноста на дијалогот“.

Ставот на Пекинг за решавање на спорот во Јужното Кинеско Море преку дијалог го повтори и портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин. „Мора да нагласиме дека нашата позиција за управување со поморскиот спор преку дијалог и консултации не е променет“, најави тој на редовната прес-конференција.

Во низа изјави во последниве месеци, Филипините ја обвинија кинеската крајбрежна стража дека намерно ги напаѓа нејзините бродови користејќи водени топови и воени ласери, додека Пекинг ја обвини Манила за упади на нејзина територија.

Кина во средата, еден ден откако филипинскиот претседател Фердинанд Ромуалдез Маркос Џуниор изјави дека дипломатските активности со Пекинг одат во „лоша насока“, соопшти дека Пекинг ќе ја задржи отворена вратата на дијалогот и контактите.

Кина тврди дека има право на речиси целото Јужно Кинеско Море, вклучувајќи ги и оние делови кои ги присвојуваат Филипините, Виетнам, Индонезија, Малезија и Брунеи.

Постојаниот арбитражен суд, во 2016 година, соопшти дека барањата на Кина немаат правна основа, што беше поддржано од Америка, но отфрлено од Пекинг. Филипинскиот претседател ги зајакна врските со Америка, која, според договорот од 1951 година меѓу двете земји, вети дека ќе ја брани Манила, вклучувајќи го и Јужното Кинеско Море, во случај на напад.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ