петок, 26 јули 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Патриотизмот и егоизмот

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.
Еднаш во градската кафеана „Идеал“ се сретнаа Патриотизмот и Егоизмот. Патриотизмот беше познат по тоа што имаше голема уста, па почна:
„Срам да ти е! Ништо не работиш! Само седиш по кафеани и бараш згодна прилика!“
Егоизмот плесна една мува.
„Нешта како `општо добро` и `јавен морал` за тебе ништо не значат!“ Егоизмот провери дали ноктите му се добро потсечени.
„Седиш до доцна навечер, стануваш напладне, а мислиш дека си многу паметен!“
Егоизмот се проѕевна.
„Сè сакаш да ти се сервира на тацна! Нејќеш да си го испотиш лебот како твоите татковци!“
Егоизмот погледна во часовникот.
„Немаш идеали, не си спремен да се бориш за ништо!“
Егоизмот се почеша.
„Ма ме слушаш ли ти мене воопшто?!“ – свика Патриотизмот и удри по масата.
Егоизмот одлета слободен во синото небо.
„Еј!Еј!Еј! Каде леташ со тоа паметот? Еј! Безобразен низаеден!“
Со денови потоа, Патриотизмот седеше во своето ќоше во градската кафеана „Идеал“, со својот препознатливо остер нос и намрштен сурат, чекајќи нова жртва за своите фрустрации. Но залудно.
Кафеаната „Идеал“ зјаеше празна. Тогаш Патриотизмот се упати кон Народното собрание. Но само што беше почнал со својата тирада, момците од обезбедувањето му ја наместија вилицата сосе коските.
Испадна дека Патриотизмот немаше здравствено осигурување. Така, остана траен инвалид и се издржуваше просејќи. Мина многу време, а спроти него се издолжи една висока сенка.
„Срам да ти е! Ништо не работиш! Само седиш и живееш од туѓиот труд!“
Патриотизмот сакаше да опцуе, но не го држеше глас.
„Газиш врз желбите и соништата на поединецот како политичар врз црвен тепих!“
Патриотизмот сакаше да касне, но немаше заби.
„Мислиш дека ако по цел ден се расфрлаш со твоите идеали си подобар од другите!“
Патриотизмот ја стегна тупаницата, но раката му трнеше.
„Сакаш да бидеш славен врз маката и несреќата на твоите деца!“
Патриотизмот сакаше да плукне, но устата му беше барут-сува.
„Мислиш дека сите се должни да крварат и да горат за твоите идеали!“
Патриотизмот преѕриво ја сврте главата.
„Еве, да ти се најдат, за во кафеана!“- Егоизмот спушти една банкнота во чашичката на Идеализмот и продолжи по својот пат.
Но во меѓувреме, и последната, култна градска кафеана „Идеал“ беше ребрендирана во меѓународниот синџир на ресторани за брза храна „Мек-Буцко“. А во ќошот каде некогаш седеа Патриотизмот и Егоизмот сега седеa еден паметен телефон и Шљупков, просечна будалетинка со повремени панични изблици на луцидност…
Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ