петок, 18 октомври 2024
Димитар Љоровски Вамваковски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Пaтот кон создавањето на македонскиот национален идентитет (2)

Создавањето на одреден национален идентитет означува процес во кој една етничка заедница настојува да развие и оформи свој специфичен идентитет. Овој процес лесно се забележува во македонскиот случај во доцноосманлискиот период, кога се создаваат различни облици на македонски протонационализам.

Најпрвин се појавува етнојазичниот македонизам, преку обидите за културно, јазично, историско и црковно афирмирање и профилирање на македонската посебност, преку развивање и негување на културните карактеристики, традиции, обичаи и вредности, потоа преку создавање на заедничка историја и меморија, која би ги обединила членовите на македонската етничка заедница преку споделени настани, легенди и херојски приказни. Следната фаза била формирањето на политичка (револуционерна) организација, т.е. создавањето на МРО, која во својата програма јасно прокламирала издвојување на политичка автономија или понатаму независност на Македонија, што несомнено во следната фаза би довело до формирање на државни структури и институции и одредени национални симболи (знаме, химна, грб), на тој начин репрезентирајќи го идентитетот и потврдувајќи ја припадноста на групата. Сепак, процесот на создавање национален идентитет е комплексен и динамичен, често вклучувајќи интеракција помеѓу внатрешните аспекти на групата и надворешните политички, економски и социјални фактори, што во македонскиот случај придонесе овој процес да се заокружи неколку децении подоцна, во периодот на Втората светска војна.

Во претходниот текст беа анализирани претставени одредени процеси што се случувале во МРО во постилинденскиот период, особено постепеното губење на нејзината независност и напуштањето на основните постулати поставени во предилинденскиот период од првенците на Организацијата (Делчев, Груев, Петров, Сандански). Исто така, во овој период (1904-1908) се случувала вистинска војна меѓу четите на Организацијата и паравоените формации на соседните балкански држави, претенденти за територијата и населението на османлиска Македонија.

Во однос на последните случувања (претставени во претходниот текст), во септември-октомври 1907 година, рускиот конзул во Солун на 24 октомври ги известил своите претпоставени во Петроград дека во овој дел од османлиска Македонија, како резултат на меѓусебните прогони на „Бугарите“ (егзархистите) и „Грците“ (патријаршистите), се случува „непрекината верига од реваншизам, со многубројни жртви и со палежи на цели села“.

Во секој случај, нападите на Негован и Раково им послужиле на грчките вооружени формации да ги продолжат своите одмазнички акции. Највпечатлив, а воедно и најсуров, бил нападот на битолското село Драгош, извршен на 26 декември 1907 година. Нападот го извршила вооружената група на Павле Илиев (Раковитис) по сугестија на критскиот водач Иоанис Каравитис. Според австроунгарскиот цивилен агент Рихард Опенхајмер, кој своите податоци ги темелел на информациите добиени од судските истражители кои наредниот ден го посетиле селото, убиени биле 25 луѓе, меѓу кои 10 деца, 10 жени и 5 мажи. Карактеристично за овој настан е фактот што во прв момент меѓу османлиските власти и конзуларните претставници станала забуна поради контрадикторните изјави на селаните, дека нападот го извршила чета на МРО. Имено, според изјавите на селаните пред три дена војводата Димко Николов, кој пред извесно време се вратил од печалба во САД, извршил убиство на тројца патријаршиски селани поради извршеното предавство од нивна страна од пред две години (1905), по кое бил ликвидиран војводата Наум Петров Буфски, токму во селото Драгош. Истовремено, Димко Николов се обидел да ги принуди селаните да се откажат од Патријаршијата со цел да преминат кон егзархиската црква, што и не успеал целосно, освен неколку семејства што токму биле и цел на грчкиот напад. Целиот настан османлиската власт го разрешила со апсење на петтемина андарти што учествувале во нападот на Драгош и судскиот процес што се водел против нив во Битола кон крајот на март 1908 година.

Интересна била судбината на двајцата главни актери на овој настан, Павле Раковитис и Димко Николов. Последниов бил убиен токму од Павле Раковитис на 2 ноември 1908 година во селото Раково, неколку месеци по Младотурската револуција и распуштањето на нерегуларните вооружени формации. Две години подоцна, на 4 октомври 1910 години, исто така, во селото Раково од османлиските власти, и покрај донесената амнестија, бил убиен и Раковитис, кој од безбедносни причини морал извесен период по убиството на Николов да се засолни во САД.

Како и да е, од сите овие настани, меѓусебни убиства и хаос што се случувале во последните месеци од 1907 година во овој дел од Македонија, карактеристични се и два процеси кои директно биле поврзани со горенаведени случување. Имено, покрај очигледното менување на тактиката на МРО, се појавил и еден нов феномен на колективен отпор (забележлив за време и по нападите во Негован и Раково) на македонското население, пред сè на словенскиот, а во одредени исклучоци и на влашкиот и албанскиот елемент против грчкиот терор. Во руските извештаи оваа појава се карактеризира како „народна самоодбрана“, а како главни иницијатори на истата се споменуваат македонските печалбари вратени од САД.

Претставниците на рускиот конзулат во Битола врз база на добиените информации од терен констатирале дека во нападите на споменатите села учествувале голем број на штотуку вратени печалбари кои заминале од родната земја токму во периодот пред и по Илинденското востание.

Од една страна, традицијата и меморијата кај овие поединци од револуционерните и востанички превирања од претходниот период имале силно влијание кон создавањето на чувство на отпор и реакција од новонастанатата ситуација, т.е. на теророт и насилството спроведувани од грчките паравоени структури.

Од друга страна, пак, според руските извештаи печалбарите „вратени од една слободна земја, со многу барања од животот, поразвиени и притоа уште релативно богати, тие повеќе не можат и не сакаат да ги поднесуваат овие неиздржливи услови за живот, во кои живеат нивните роднини, па гледајќи дека турските власти не се способни нив да ги заштитат, а дека тие не се ни заинтересирани за тоа, тогаш овие се здружуваат, сами се фаќаат за пушките и се упатуваат кон центрите на грчките банди за да ги уништат од корен огништата на тероризмот, што ним им предизвикува толку многу зло“.

Оттука, овие елементи, финансиски независни и задоени со западните идеи за слобода, правото на живот, имот, чест и личен избор, несомнено се појавуваат како нов значаен фактор во овие хаотични времиња, исполнети со секојдневни убиства и терор на меѓусебно завојуваните вооружени формации.

Рускиот конзул во Битола, Каљ, констатирал дека, „доколку (…) ѝ е судено [на Организацијата] да се возроди, тогаш е несомнено дека таа ќе поприми друга форма и, сообразувајќи се со новите животни услови, создадени со емиграцијата, како и на изменетиот однос на населението спрема неа, ќе воведе нова тактика“.

Конзулот до ваков заклучок стигнал врз основа на анализата за ситуацијата во самата МРО после повеќегодишните удари што истата ги претрпела од османлиските власти и грчките вооружени формации во овој дел на османлиска Македонија, големиот број ликвидирани и/или затворени видни личности (војводи) и четници, намалениот нејзин кредибилитет меѓу населението поради меѓусебниот раскол, како и неможноста таа да го заштити истото од грчкиот терор, а на сето ова треба да се додаде и постепеното нејзино трансформирање во продолжена рака на бугарскиот двор во османлиска Македонија, т.е. нејзиното делумно претворање во една од вооружените национални пропаганди.

На крајот, во еден од своите извештаи, Каљ, пишувајќи за „народната самоодбрана и братоубиствената војна“, ќе заклучи дека „ова движење, според мое скромно мислење, е чисто македонско, а не бугарско (…)“, т.е. движење кое се темели на новонастанатата ситуација, но и на принципите на Организацијата од пред Илинденското востание.

Вториот процес кој е карактеристичен и слободно може да се забележи дека кулминира во овој период е отфрлањето на националното етикетирање (лајбелинг) од страна на словенското православно население. Во доцноосманлиската општествена констелација, националниот лајбелинг означува формална дозвола од Високата порта, поради свои внатрешни и надворешни потреби, при категоријалното атрибутирање да бидат преземени туѓи национални именувања.

Па, така, при ваквите примери на етикетирање суштинско е прашањето „кој ја има моќта да именува“. Во македонскиот случај, моќта да именува била концентрирана во оформените државни институции: на Османлиската империја, на европските сили и нивните претставници и на институциите на балканските држави. Националниот лајбелинг бил овозможен пред сè поради црковната раздробеност на македонското словенско православие, што во никој случај не означувало некаква си етничка различност меѓу населението. Оттука, црковната припадност на одредени поединци значело и нивно именување како „Грци“, „Бугари“ и/или „Срби“. Исто така, самото црковно именување не подразбира и какво било етничко разграничување на овие подгрупи меѓу словенската популација во османлиска Македонија.

Меѓутоа, ваквото именување им ја олеснила можноста на балканските национални центри да извршат лајбелинг на овие црковни заедници и да ги претстават како нивно национално ткиво во овој дел од Империјата. Крајот на Илинденското востание и новата територијална поделба на османлиска Македонија предвидена со Мирцштешките реформи значело исклучителен предизвик за балканските националисти да претстават што поголем број припадници на нивните „нации“ меѓу словенското православно население.

Па, така, според нивното толкување, конвертирањето на поединци или цели населени места од една во друга црковна организација се сметало како чин на зголемување или, пак, намалување на бројот припадниците на одредена „нација“ во османлиска Македонија.

Кулминирачка фаза претставува вооружената паравоена интервенција на балканските држави во османлиска Македонија, придружена со низа насилство, терор и убиства врз православното христијанско население. Дел од овој процес била и МРО, која во почетниот стадиум била принудена да го насочува македонското словенско население кон Егзархијата, со цел да го зачува нејзиниот интегритет и програма на дејствување, а во насока да се намали негативното влијание на грчката пропаганда. Меѓутоа, по 1907 година и внатрешните прегрупирања во самата Организација, најголем дел од неа ќе стане дел од вооружената пропаганда на Кнежеството Бугарија, употребувајќи насилни средства во конвертирање на православното словенско население. Реакцијата на самото население била природна и неминовна, а како резултат на масовниот терор и убиства што станале секојдневие во нивниот живот, без притоа да се води сметка за неговите основни потреби и цели за кои во претходниот период се застапувала МРО. Националниот судир и самата национална идеологија спроведувана и внесена од балканските држави-нации била туѓа и несфатлива во нивното себепоимање.

Имено, од една страна македонското селанство сè уште останало затворено во религиозните идентитети, кои не правеле разлика меѓу етничката припадност, особено што во случајот на словенското христијанско население црковната поделеност не означувала и етничка различност на истата таа заедница. Од друга страна, бројни се сведоштвата на европски дипломати и хуманисти од тој период коишто извршувале каква било функција или ја посетиле османлиска Македонија, а кои патем речено имале оформено слика за нацијата и национализмот, дека всушност доцноосманлиското општество и заедниците што живееле во него сè уште немаат претстава или се во некоја почетна фаза од развојот со постулатите на оваа модерна (национална) идеологија. Брејлсфорд забележал дека „Словените од европска Турција, сè уште немаат развиено национална свест, а и онаа малку што ја поседуваат е скорешна. Немаат страст за нивна националност, туку за нивната земја“.

Оттука, кај македонското словенско население, вовлечено против својата волја во балканскиот националистички конфликт, кој патем речено не го разбирал и поддржувал, се појавил силен отпор против ваквите тенденции, особено што самите тие биле најголеми жртви и губитници на оваа за нив несфатлива војна. Во овој тригодишен период постеле низа примери на последователно присилно конвертирање на одредено населено место од една во друга црковна организација, придружено со низа човечки жртви и материјална штета. Целта на насилството била создавање на некаква си национална лојалност, притоа уништувајќи го единството засновано врз религијата – убиството на христијанин од христијанин го означувал почетокот на крајот на „христијанскиот комонвелт“.

Сето ова придонело, како еден од низата фактори кај овој дел од населението да се појави чувство на македонски протонационализам, отфрлајќи го националниот лајбелинг и поврзувајќи го својот идентитет со името на територијата на која егзистираат.

На 18 ноември 1907 година атинскиот весник „Емброс“ дава кратка информација за нападот на битолските села Полог и Ченгел, извршен од страна на чета на МРО, придружувана од локалното егзархиско население. На крајот од текстот е поместен дијалог меѓу рускиот конзул Каљ и селскиот полицаец од Скочивир (село што се наоѓа во близина на двете нападнати села), кој според конзулот зборувал на „бугарски“ јазик. Откако жителот на Скочивир посведочил дека двете села биле уништени поради тоа што биле „грчки“, т.е. патријаршиски, Каљ му одговорил дека тие села претходно биле „бугарски“ (егзархиски), па потоа станале „грчки“ (патријаршиски) и поради тоа биле уништени. Во продолжение на дијалогот селанецот додал дека овие две села отсекогаш биле „грчки“ (патријаршиски), на што конзулот го прашал дали е Грк или Бугарин, забележувајќи му дека е „Бугарин штом говори на бугарски јазик“. Жителот на Скочивир, „со леснотија“, му одговорил на рускиот дипломат, „дека тие се Македонци, а не Бугари, и дека нивниот јазик е македонски“. До слични констатации дошол и рускиот дипломат Александар Петрјаев, кој во тој период бил назначен за помошник на рускиот цивилен агент Николај Демерик. Имено, кон крајот на август 1907 година една поголема делегација, предводена од генералниот инспектор Хусеин Хилми паша, направила тринеделна обиколка во јужниот дел на Битолскиот вилает. Врз основа на сознанијата од теренските испитувања, Петрјаев во извештај од 15 септември 1907 година до рускиот амбасадор во Истанбул, Иван Зиновјев, заклучил „(…) дека самото население почнува мошне забележливо да се чувствува оптоварено од пропагандите и тоа најискрено бара да биде оставено намира. Во костурската каза кај нас доаѓаа делегации од селата, кои изјавуваа дека не ги сакаат ниту грчките ниту бугарските учители и свештеници, туку молат да им бидат дадени македонски. На прашањето за нивната националност, овие одговараа дека тие се Македонци. Таквите појави се далеку од тоа да се поединечни, и тие покажуваат дека христијанското население на Македонија е изморено од гнетот врз него од најразличните пропаганди и дека кај него почнува да се разбудува националното самосознание, кое се разликува од оние што му се наметнуваат отстрана“. Процесот на појавување на македонскиот протонационализам е директно поврзан со именувањето на територија на која живее ова население, или како што забележал и Брејлсфорд, „нивните балади за бунт, во кој зборот ‘Македонија’ се јавува во секој рефрен, докажуваат дека тие веќе имаат татковина“. Паралелно со претходната појава, македонскиот протонационализам кај локалното словенско население се манифестирал преку отпор против раздробувањето на македонското православно ткиво и насилството на националистичките пропаганди произлезен од тој процес. Оттука, ваквата тенденција на македонскиот православен словенски елемент се надополнува со истражувањето на историчарката Марија Пандевска, а поврзано со употребата на терминот Македонец/ци од страна на МРО во нејзината првобитна фаза од нејзиното постоење. Во тој контекст, според Пандевска, МРО со терминот Македонец/ци го означила надлокалниот и надцрковниот идентитет на населението на една компактна територија – Македонија, од каде што впрочем е изведено нивното именување.

Димитар Љоровски

Патот кон создавањето на македонскиот национален идентитет (1)

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ