петок, 18 октомври 2024
Димитар Љоровски Вамваковски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Патот кон создавањето на македонскиот национален идентитет

Процесот на создавање на одреден национален идентитет не претставува ексклузивна карактеристика на одредена заедница, односно група на луѓе кои живеат на определена територија. Појавата на национализмот како идеологија има своја предисторија и се појавува во точно определен историски период, односно кога биле создадени општествено-политичнки и економски услови за неговото раѓање.

Оттука, овој процес кај многу „големи“ и „мали“ народи се случува во определен стадиум од нивниот развој, условен од многубројни фактори. Феноменот на појавата на нациите со мало задоцнување се случува и меѓу балканските народи – некаде порано, а некаде подоцна, со многу сличности, но и различности. Но, во никој случај овој процес на почетокот не смее да биде разбран како масовна појава, што подразбира прифаќање на чувството на национален идентитет кај мнозинството припадници на одредена замислена заедница или, пак, дека ова чувство постојано се провлекува низ историските епохи.

Појавата на овој идентитет најпрвин се случува кај одреден слој на луѓе, пред сè образовани, кои со својата мобилност, контакти и разбирање на новите општествено-политички текови почнале да ги усвојуваат принципите на новата иделогија. Тука секако треба да се вброи граѓанскиот, црковниот, трговскиот и наставничкиот слој кај одреден народ. Тие во процесот на создавање на македонскиот националниот идентиет, особено во услови како што владееле во османлискиот систем, патот кон своето национално изградување го трасирале вон институционално, често пати меѓусебно непрепознавајќи се или, пак, пројавувајќи различни облици на македонски протонационализам.

Македонскиот протонационален идентитет почнал да се создава во втората половина на 19 и почетокот на 20 век, а кај раните македонисти идејата за посебност и национално оформување ја барале во името на територијата на својата татковина, која секогаш ја препознавале под името Македонија, потоа во историјата, културата, јазикот, традицијата и обичаите. Секако, тие градејќи го својот идентиет биле лојални кон принципите во кои верувале, а тоа биле борбата за слобода од секаков вид.

Таа била црковно-училишна, најпрвин против грчката, а потоа и против бугарската и српската политика спрема територијата на османлиска Македонија и нејзиното население. Потоа и како отпор против османлиската власт и копнежот за создавање на сопствена држава, за на крај таа да се преслика во напорите за зачувување на територијалниот интегритет на македонската територија, а во случајот со Македонската револуционерна организација (МРО), во постојаните борби за зачувување на нејзината самостојност во желбата таа да биде преземена или уништена од балканските ривали и османлиската власт.

Овие процеси никогаш не се одвивале праволиниски. Тие се развивале од една во друга генерација Македонци, кај кои се забележуваат многу угорнини и падови, скршнувања од поставените цели и идеали, што секако било резултат на точно определени настани и процеси предизвикани од внатрешни и надворешни фактори.

Оттука, процесот на создавање на македонскиот идентиет низ историјата може да се бара и толкува низ различни процеси и настани. Токму во оваа пригода ќе претставиме еден таков процес кој што се случил во периодот по Илинденското востание.

Македонскиот револуционер и тогашен член на Битолскиот окружен комитет на МРО, Милан Матов, во своите спомени, напишани 1941 година, се сеќава дека Организацијата во овој округ (во периодот 1906-07 година) била во тешка положба поради несогласувањата и фракционерството на револуционерните кадри, што само по себе предизвикало возбуденост и раздразнетост меѓу населението. До слични гледишта, преку свои информации и контакти, доаѓале и конзулите на европските сили во Битола.

Така, на пример, извештајот на рускиот конзулат од 6 јуни 1907 година почнува со констатацијата дека силата на Внатрешната македонска организација сѐ повеќе и повеќе опаѓа како резултат на недисциплината и предавствата на одредени нејзини дејци – „работници“, што се одразува и на работата на четите. Исто така, се потенцирала и нетрпеливоста меѓу локалните началници, што се рефлектирала од повисоките структури на Организацијата. Две недели подоцна (23 јуни) овој конзулат во нов извештај наведува дека неуспесите што во последно време ги доживува македонската организација, го намалува нејзиниот авторитет во очите на населението.

Причините за ваквите појави и процеси биле многубројни. Несомнено влијание имале вооружените интервенции на соседните држави, пред сè, на Грција и Србија, кои најмногу се чувствувале на територијата на Битолскиот револуционерен округ. Нивна основна задача била да ја разбијат МРО, а со тоа и да го уништат нејзиниот интегритет меѓу народот, и на тој начин да го спречат ослободувањето, односно извојувањето на политичка автономија на Македонија.

Исто така, во периодот по Илинденското востание со намалувањето на интегритетот и влијанието на ЦК на МРО, се појавиле тенденции на окружен партикуларизам, што од друга страна значело влијание врз окружните комитети на одредени повисоки фактори во Организацијата што имале свои визии, кои најчесто биле и меѓусебно различни, за понатамошниот развој на македонското револуционерно движење.

Ако на општиот Рилски конгрес од октомври 1905 година било постигнато какво-такво единство благодарение на разумноста на конгресното мнозинство, тогаш периодот што следувал ќе донесе дефинитивен расцеп на организацијата и напуштање на нејзината основна концепција и цели. Имено, доколку конгресните одлуки практично би се реализирале, тоа би значело консолидација на револуционерното движење, а во крајна консеквенција и кон државно и национално конституирање на македонскиот народ. Ваквата тенденција концизно се забележува во членовите 1 и 2 од Уставот на МРО донесен на Рилскиот конгрес. Јасната определба дека „Организацијата се спротивставува на стремежите за делба и освојување на тие две области (Македонија и Тракија, б.н.) од која и да е држава“, значело борба против вооружените пропаганди на соседните држави со цел одбрана на територијалниот интегритет на османлиска Македонија во рамките од Османлиската империја, но како издвоена самоуправна област. Мнозинството од раководните личности и поединци со авторитет во Организацијата биле свесни дека без територијалниот интегритет не може да има ни политичка автономија ни обласна самоуправа, т.е. без земја, нема држава.

Периодот кој следел бил доста критичен во опстојувањето на МРО во рамките на своите веќе изградени идеолошки постулати, што на крај резултирало со постепено нејзино разнебитување и преземање од страна на бугарскиот двор и влада, потпомогнати со фракционерските елементи во самата организација, кои во историјата се познати како внатрешни врховисти и/или неоврховисти.

Софиската влада и посебно кнезот во никој случај не можеле да се помират со една независна и самостојна ослободителна организација во османлиска Македонија. Тие во нивните напори да ја контролираат и насочуваат истата си поставиле задача да ја преземат во свои раце, што на крај и успеале да ја реализираат таа цел преку внатрешно-врховистичките групи на Борис Сарафов, Христо Матов и Иван Гарванов.

За последниве двајца, еден од главните идеолози на неоврховизмот Петко Пенчев, тврди дека го прифатиле идеалот за автономија на Македонија, но само како практична и реално остварлива неопходност, а тоа значи како привремена етапа на анексија кон Бугарија.

Поларизацијата внатре во Организацијата се продлабочувала сè повеќе, особено тоа се чувствувало во периодот 1906-07 година, т.е. почетокот на нејзиното разбивање доаѓа кон крајот на 1906 година со пропаѓањето на општиот конгрес кој требало да се одржи една година по претходниот (Рилски). Не губејќи време, помалобројната неоврховистичка фракција на 15 јануари во Ќустендилско направила „советодавно собрание“, преку кое се прогласиле за мнозинство, но и ги погазиле документите и одлуките на Рилскиот конгрес и извршиле ревизија на стратегијата и целите на Организацијата. Од една страна била напуштена работата со масите и масовната борба со различни средства, а од друга страна бил усвоен тероризмот, а вооружените дејства би се изразувале преку атентати и востанија. Но, сепак, најважната одлука од овој собир е определбата тие во својата борба да го бранат единствено „бугарскиот елемент“ во Македонија, бидејќи не гледале спротивности меѓу бугарската државна политика и интересите на МРО, што де факто значело создавање на бугарска вооружена пропаганда во османлиска Македонија.

Оттука, според решенијата на „собранието“, МРО „ќе помине во офанзива против српската и грчката пропаганда за да си ги врати изгубените реони. ’Се препорачува примена на сите можни репресалии против србоманското, гркоманското и грчкото население и нивните легални пропаганди, како на пример: опожарување на селата што служат како бази на непријателот’“. Ваквиот тип напади ќе претставува нов феномен во постилинденскиот развој на МРО, односно почетен стадиум на нејзината постепена трансформација на четничката институција од агитационо-организациона и герилска во терористичка – карактеристика на движењето предводено од Тодор Александров.

Промената на тактиката на МРО во насока на заземање страна во пропагандната војна меѓу балканските национализми се констатира и од извештајот од 24 мај 1907 година на Генералниот конзул на грчкото кралство во Солун, Ламброс Коромилас, испратен до грчкото МНР.

Во него конзулот го пренел разговорот со Генералниот управник Хусеин Хилми паша кој, меѓу другото, се заканил со преземање строги мерки за воведување на ред во Македонија. Хилми паша го информирал Коромилас дека „родскиот антагонизам се заострил“, мислејќи на судирот меѓу протагонистите на црковните пропаганди, при што констатирал дека „тероризмот нема да престане, ниту стремежот на андартите или комитите да им го наметнат со закани и убиства преминувањето на селаните од Патријаршијата во Егзархијата, или обратно“. Не било нова практика изедначувањето во начинот на дејствување меѓу грчките паравоени формации и силите на МРО. Тоа се користело во пропагандната војна, како од грчката страна, така и од локалната османлиска власт, но, во реалноста, во овој период случувањата на терен и однесувањето на одредени структури во Организацијата го потврдуваат ставот на Хилми паша.

Расколот што се случил во Организацијата во голем дел се рефлектирал и меѓу пониските ешалони, особено во одредени револуционерни окрузи на територијата на османлиска Македонија. Во однос на Битолскиот округ, тој се нашол под силно влијание на фракцијата на Борис Сарафов, кој на своја рака од Кнежеството Бугарија постојано испраќал вооружени чети во овој округ. Оттука, карактеристика за овој период биле зачестените напади врз македонски патријаршиски села кои служеле како база на андартите од страна на вооружени и невооружени жители на едно или повеќе егзархиски села, поддржани од вооружените сили на МРО.

Од една страна, овие настани, пред сè, биле резултат на одмазднички акции што се должеле на претходно извршено злосторство од страна на грчките паравоени формации или нивните поддржувачи. Додека, од друга страна, споменатиот неоврховистичкиот упад и преземањето на Организацијата значело нејзино делумно ангажирање како инструмент на бугарската политика во Османлиска Македонија. Карактеристичен бил случајот од 8 октомври 1907 година, кога било нападнато леринското словенско патријаршиско село Раково. Причините за нападот на ова населено место биле многубројни.

Имено, по Илинденското востание неговите жители на неколку наврати ја менувале црковната припадност, а на крајот под силата на притисокот и заканите на грчките паравоени формации да ја прифатат Патријаршијата како нивна црковна институција. Оттука, за грчките вооружени групи од геостратегиска важност била местоположбата на селото како крстопат меѓу леринската, костурската, преспанската и битолската околија. Истовремено, селото Раково било претворено во силна база на андартите, од каде што се напаѓале позициите на МРО и соседните егзархиски села. Токму убиството на петмина жители, дрвосечачи, на селото Буф во близина на шумскиот појас на Раково претставувало директен повод за нападот на патријаршиското село. Исто така, од ова населено место потекнувал и Павле Илиев Николов, попознат како Павле Раковитис, кој бил водач на грчка вооружена група. Тој во текот на 1907 година извршил низа напади врз егзархиски села во овој дел на Македонија, додека генералниот водач Георгиос Цонтос Вардас на 16 јуни добил писмо од Раковитис, преку кое тој го информирал дека селата северно до Лерин „имаат фатено лош пат“ и поради тоа бил принуден физички да се пресмета со нивните жители.

Покрај физичкиот терор, насилства и ликвидации на грчките паравоени сили, постоеле и наредби од грчките водачи преку кои на македонските селани им се нарушувало личното достоинство и интегриет во секој сегмент од нивниот секојдневен живот.

На 14 април 1907 година водачот Вардас напишал писмо до сите села во областа преку кое им забранувал да комуницираат, па дури и да се поздравуваат со своите соселани – шизматици. Две недели подоцна, на 27 април, повторно, „строго“ им забранува на селаните за сè што виделе или дознале во нивните места да говорат во градовите, посебно во Лерин, а за истото им се забранува и во меѓусебната комуникација, а не како претходно само со шизматиците. Информации дека се подготвува напад на селото Раково имале и османлиските власти и грчките структури. Последниве неколку дена пред нападот на Раково, констатирајќи го концентрирањето на вооружени сили на МРО на тој терен, претпоставувале дека се спрема некаков вид одмазда за претходно убиените жители на селото Буф и поради тоа се препорачувало преземање превентивни мерки.

Исто така, два дена пред нападот за можните случувања во Раково бил предупреден и леринскиот кајмакам, при што кон селото испратил воени сили од три страни (Лерин, Буф и Писодери) со околу 70 војници. Нападот на селото започнал два часа по повлекувањето на војската од Раково, кога кон селото од правец на Буф се приближувала огромна група на луѓе (припадници на четите и на селската милиција на МРО, како и жители од селата Буф, Герман и други околни населени места), според одредени конзулски извештаи бројката се движела од 300 до 400 души. Исто така, според конзулските извештаи во нападот на селото Раково учествувале четите на војводите Ѕоле Гергев од селото Баница, Леринско, и Петар Христов (Германчето), од селото Герман, Преспа. Самиот напад бил многу суров, придружен со насилство, терор, убиства и уништување на личниот имот на жителите на селото. Карактеристика за овој напад е неселективноста во тероризирањето и убиствата на жителите на Раково, односно напаѓачите прогласиле колективна вина за целото село. Убиени биле 5 жители на Раково, а неколкумина биле ранети, додека надвор од селото биле пронајдени две мртви тела кои биле дел од напаѓачите, но не се знае како биле убиени. Кај двајцата убиени комити биле пронајдени неколку организациони документи, меѓу кои и записниците од конгресот на Битолскиот Окружен комитет одржан од 15 до 20 август 1907 година во месноста Мирчев Кутел на планината Бигла.

Од списокот на учесниците на овој конгрес, се забележува дека на истиот присуствувале и војводите Ѕоле Гергев и Петар Христов, кои се посочуваат како директни учесници во нападот на Раково. Од друга страна, oд мноштвото одлуки донесени на овој конгрес, меѓу другото, се предвидувала засилена дејност во насока на прогонување на грчките паравоени формации, додека конкретно за Буф Кол, областа под која потпаѓале гореспоменатите села, заедничка дејност на преспанските и леринските чети со цел да се потисне влијанието на грчката пропагандна политика. Оттука, очигледна е информираноста и координацијата за случувањата во селото Раково меѓу окружните и околиските раководни личности во Битолскиот револуционерен комитет.

Сличен напад претходно бил реализиран и во албанското православно село Негован. Како и во случајот со Раково, така и ова село било претворено во база на грчките паравоени формации, од каде што биле извршени низа операции против македонските селани и структурите на МРО. Исто така, и местоположбата на самото село била од исклучителна важност, т.е. гранично подрачје меѓу костурската и леринската каза во чија близина поминувале голем број планински патчиња. На удар на грчките вооружени групи стационирани во Негован биле соседните егзархиски села и поединци кои транзитирале во негова непосредна близина. Нападот на Негован, како и тој во Раково, се случил како последица на одлуките донесени на Битолскиот окружен комитет од август 1907 година.

Од друга страна, како директен повод за насилната реакција на МРО се смета убиството на 10 жители од селото Екши-су на 14 септември, кога поголема група дрвосечачи во блиската шума покрај самото село паднале во заседа на групата на водачот Михаил Цонтос. Вооружената група од преку 150 вооружени комити и селани, како и во подоцнежниот случај со Раково, ја предводел војводата Ѕоле Гергев. Последниов на 1 октомври пратил заканувачко писмо до жителите на Негован во кое ги предупредувал да го напуштат елинизмот и да прифатат дека се Албанци. По два дена, на 3 октомври, селото било нападнато. Последиците од овој одмазднички напад бил 17 мртви и ранети селани и околу 20 изгорени куќи.

(продолжува)

Димитар Љоровски

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ